Кинеската вакцина „Синофарм“, од која денеска во земјава пристигнаа 200 илјади дози и од вторник се очекува да започне масовната имунизација на населението, е подеднакво квалитетна и ефикасна и сосема безбедна, како и останатите, изјави вечерва министерот за здравство Венко Филипче.

„Синофарм“ во секој момент очекува одобрување за итна употреба од Светската здравствена организација (СЗО), но досега нема најави за нејзина регистрација од Европската агенција за лекови (ЕМА). Немаме најава дека кинескиот производител „Синофарм“ воопшто ќе аплицира во ЕМА. Но, тоа не значи дека вакцината не е квалитетна. Ги следиме студиите во коишто ефикасноста е исклучително висока и тоа за нас е сосема доволно, рече Филипче при гостување во емисијата „360 Степени“ на Алсат.

Тој нагласи дека тоа што вакцината на „Синофарм“ не е одобрена од ЕМА, не е показател за нејзиниот квалитет или безбедност, додавајќи некои од производителите на вакцини не аплицираат во ЕМА, но нивната безбедноста и ефикасноста ги испитуваат во други контролни лаборатории.

Не е тоа нешто што треба да загрижува, ниту пак е индикатор за безбедноста на вакцината. Кај нас се земаат предвид сертификатите за кои стручните лица сметаат дека се соодветни, а такви сертификати за квалитет кои ги издаваат и производителите и контролните лаборатории на барање на производителите ги имаат сите вакцини, дури и оние коишто во моментов од различни причини не се одобрени од ЕМА, додаде Филипче.

Северна Македонија е четврта земја во Европа што ќе ја користи вакцината на „Синофарм“, по Унгарија, Србија и Турција, но, како што нагласи Филипче, таа се употребува во цела Јужна Америка, Мексико и речиси половина од земјите на африканскиот континент и во сите држави во Азија.

Министерот Филипче потенцира дека досега ниту една западноевропска земја, ниту САД, не ни имаат упатено никаков приговор поради одлуката за набавка на вакцини од Кина.

Јасно и експлицитно, во нашите многу чести разговори со сите амбасадори на западноевропските земји и САД, беше кажано дека нашата земја треба да направи се за што поскоро да стигнеме до вакцините и ние тоа го правевме, рече Филипче.

Според него, би било добар знак владините претставници да се вакцинираат со онаа вакцина, со која ќе се имунизира најголемиот дел од населението, а во сегашниов случај тоа е дозата на „Синофарм“. Филипче нагласи дека лично апсолутно нема никаков проблем со која вакцина би се имунизирал, ниту пак преферира некоја посебно.

Запрашан дали ќе биде потребна и трета доза од вакцинација со „Синофарм“, затоа што во светот се регистрирани случаи лица вакцинирани и ревакцинирани со таа вакцина да немаат на антитела, Филипче одговори дека ќе се постапи онакака како што ќе излегуваат сознанија врз основа на анализите.

Точно е дека за некоја вакцина има детекција на антитела порано, за некоја нешто подозна, но кога се анализира ефикасноста и како тоа ќе се манифестира на целата пандемија, мислам дека допрва ќе видиме. Но, ефикасноста на сите вакцини коишто се во моментот на располагање е стопроцента во заштита од тешка форма на болеста, односно смртен исход, додаде Филипче.

OhridNews

Пристигнаа 200.000 вакцини „Синофарм“, од вторник дневно ќе се вакцинираат од 10 000 до 15 000 лица