Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и министерот за здравство Венко Филипче синоќа остварија средба со дел од родителите, кои ја користеа мерката за продолжено породилно отсуство, а кои реагираа на Одлуката на Владата на 23 септември 2020 година сите родители од 0 до 6 години да се вратат на своите работни места, поради тоа што градинките стартуваа со работа на 9 септември.
Одлуката е донесена врз основа на сериозна анализа за безбедноста на децата во градинките, во консултација со Комисијата за заразни болести, како и врз основа на информациите дека во јавните установи за згрижување и воспитување на децата целосно се почитува Протоколот за активности во установите кој на минимум го сведува ризикот од ширење на КОВИД-19. Оттука логично е после отворањето на градинките, родителите да се вратат на работниот процес, посочуваат двајцата министри..
Претставничките на дел од родителите, пак стравуваат за здравјето на нивните деца и затоа сакаат да го одложат тргнувањето на нивните деца во градинка до почетокот на идната година, но и дека им треба подолг период на адаптација.
Министерот за здравство Филипче вели дека сите предвидени Протоколи, вклучително и тој за работа на градинките, се дефинирани според строги епидемиолошки правила и се целосно медицински издржани.
Имаме целосно разбирање за вашата грижа. Затоа внимателно пристапуваме кон секоја одлука и од тие причини шест месеци го продолжувавме породилното отсуство. Но, како и во сите држави во светот, мора полека да се враќаме во нормала и затоа внимателно, преземајќи ги сите превентивни мерки, градинките ги отворивме и создадовме услови родителите да се вратат на работниот процес. – рече министерот Филипче.
Министерката Шахпаска информира дека во градинките, според информациите од терен има доволно простор за приоритетните групи, односно за децата на самохраните мајки и за семејствата во кои двајцата родители работат.
Градинките имаат капацитет за безбедна и целосна грижа на сите деца. Според Протоколот предвидовме приоритет за оние семејства на самохрани родители и двајца вработени, на кои тоа навистина им е неопходно. Градинките имаат капацитет од 19.000 места, а како приоритетни пријавени се 14.555 деца. Тоа значи дека бројката од самиот почеток не беше целосно исполнета, а имавме и случаи кога децата не престојуваа во градинка, а беа пријавени како приоритетни. – , нагласи Шахпаска.
Таа дополнително информираше дека по Одлуката на Комисијата за заразни болести да се зголеми капацитетот на групите од 0 до 2 години од шест на 12 деца, дополнително е зголемен капацитетот за прием на деца.
Во однос на забелешката на претставничките на мајките дека враќањето во работниот процес ќе биде проблем и за родителите на децата од 6 до 10 години, министерот Филипче нагласи дека мерката за нив е укината уште од 7 јули 2020 година и оттогаш тие се на работа.
OhridNews