Ова е најголемата здравствена криза во нашата земја досега. Никогаш не сме се соочиле со ваква здравствена криза. Не е воопшто лесно, но имаме и знаење и капацитет и начин на организација и план којшто веќе се спроведува за оваа криза да ја надминеме, вели министерот за здравство Венко Филипче.

Целиот менаџмент на клиниките и одделенијата е максимално мобилизиран. Верувам дека успешно ќе одговориме и на овој голем предизвик. Знам дека дел од здравствените работници се изморени, на крајот од силите. Верувам дека ќе направиме се да се обезбеди поддршка, што веќе и го правиме во овие денови од страна на Министерството за здравство и ќе се мобилизираат апсолутно сите ресурси во здравствениот систем, за да се надмине оваа криза. Здравствените работници буквално не се прибрани дома со месеци, изложени на голем ризик, на долги смени, работат за да го спасат секој живот, и ова како граѓани сите ние мора да го почитуваме. А секој може и да помогне тоа да го прави со следење на едноставните три препораки, маска, дистанца и дезинфекција. Ова е единствениот начин да ставиме крај на оваа криза. – истакна министерот Филипче.

Во јавните здравствени установи во нашата земја во овој момент, се хоспитализирани околу 330 пациенти позитивни на КОВИД-19.

Целиот фокус овие денови го насочивме кон клиничкиот дел и менаџментот на пациенти во периодот кој што е пред нас. Во оваа фаза мора да се организираме и да се подготвиме за целосно амортизирање на напливот на пациенти преку мобилизирација на сите расположливи ресурси. Мораме и можеме да го заштитиме здравствениот систем. Го мобилизираме целиот здравствен систем за да го амортизираме напливот на пациенти. Со вклучувањето на дополнителен тим значително ќе им ја олесниме работата и ќе им помогнеме на вработените на Инфективната Клиника и на ГОБ 8 септември во справувањето со овој непредвидлив вирус. – рече Филипче.

Во борбата со КОВИД 19 се вклучуваат и приватните клиники и болници кои го понудија својот персонал како поддршка на јавното здравство, најави министерот за здравство.

OhridNews