20.25 Во земјава има доволно тестови за коронавирус, изјави министерот за здравство Венко Филипче на прес конференција вечерва. Тој посочи дека и Институтот за јавно здравје врши набавка на 5000 тестови, што со оглед на состојбата е сосема доволно рече тој.
Тој истакна дека пикот на пандемијата во Македонија со преземените мерки се очекува да биде за еден месец, додавајќи дека не може да се прогнозира како ќе се развива ситуацијата.
Во случајот со 57-годишната пациентка од Куманово која е прва жртва од коронавирус во земјата, Филипче уште еднаш истакна дека било постапено согласно протоколите, извршени биле два теста кои биле негативни, пред нагло да и се влоши состојбата. Тој изрази сочувство до семејството, истакнувајќи дека коронавирус е дијагностициран и кај синот на починатата пациентка кој се лекува на Инфективната клиника во Скопје.
-Ние ги повторивме анализите од првите две тестирања и тие беа негативни, што е возможно, рече Филипче.
Што се однесува до медицинскиот персонал во кумановската болница, Филипче истакна дека се прави епидемиолошка анкета, по што ќе се знае дали тие ќе одат во изолација.
Претходно министерот преку социјалните мрежи побара поддршка за здравствените работници кои се на првата линија од „фронтот“ против невидливиот непријател.
Никогаш до сега, како сега, не ни била потребна помошта од сите граѓани, од сите жители на нашата држава на нас – здравствените работници 23.000 за да им помогнеме на сите 2 милиони граѓани на нашата земја. Ние тоа сами нема да можеме да го направиме! – порача Филипче.
OhridNews