Славјанка Петровска, Венко Филипче и Јован Деспотовски ќе ја водат битката за претседателската функција во СДСМ по денешното поднесување на кандидатурите.

Поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка од редовите на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Славјанка Петровска, истакна дека после 24 години активно членство во СДСМ, врз основа на повикот за самокандидирање, ја поднела кандидатурата за претседателка на СДСМ.

Заедно со пријавата секако го поднесов и манифестот со социјалдемократијата. Тоа е мојата програма, во која што се осврнувам на тоа што треба да бидат идни приоритети на новото раководство на СДСМ, по големиот пораз којшто го доживеавме на овие избори. Функционерите на партијата кои извршуваа навистина одговорни државни функции беа посветени на исполнување на владината агенда и на носењето стратешки важни државни одлуки и некако во втор план се ставија партиските дебати внатре. Јас на почетокот споменав 24 години сум член на СДСМ и како младинец подоцна ги памтам долгите дебати кои ги имавме и во месните организации и во општинските организации, кога политичките збиднувања во државата, без разлика дали сме биле власт или опозиција, биле дискутирани коментирани во рамките на органите на партијата. Органите на партијата мора многу често да заседават без разлика дали сме власт или опозиција, рече Петровска.

Актуелниот директор на ТИРЗ, Јован Деспотовски, денеска пред Музејот на Град Скопје ја најави кандидатурата за претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, испраќајќи порака дека партијата е во тешка ситуација и има потреба од нов почеток.

Позади нас е железничката станица најпогодена од катастрофалниот земјотрес пред 61 година. СДСМ се наоѓа во многу тешка ситуација и СДСМ има потреба од еден нов почеток. Она што го објавуваме денеска една нова програма за нов почеток за нов СДСМ. Веруваме и ќе се залагаме целата наша програма, целиот наш тим ќе работи на тоа исто како што Скопје, успеа да се подигне од пепелта, да се обнови и да стане убав град, така и СДСМ повторно ќе почне и ќе биде нова партија која што ќе обединува, не само своите членови, туку ќе биде партија на сите граѓани, рече Деспотовски.

Како што најави Деспотовски, доколку биде избран за претседател на СДСМ, ќе спроведе нов механизам преку кој партијата ќе дејствува како конструктивна опозиција. Истакна дека ќе формира влада во сенка, за која рече ќе биде опција на граѓаните да размислуваат и да споредуваат.

Кандидатура за претседател на СДСМ денес поднесе и поранешниот министер за здравство и актуелен пратеник Венко Филипче.

Сметам дека е убав ден за демократијата имајќи предвид дека сме единствена партија во која членовите непосредно го бираат претседателот. Секој член има право да гласа, не е делегатски систем. Овој ден означува симболично почеток на реформа и на промена во партијата, изјави Филипче по поднесување на кандидатурата.

Рече дека со кандидатурата ќе поднесе и програма во која се напишани основните постулати на кои што ќе работи доколку биде избран за претседател, а тоа, како што вели, ќе биде посветено, професионално, со целата негова енергија и знаење.

Програмата се темели на информации, сугестии, барања, коишто ги слушнав од огромниот број на наши членови со кои што имав чести средби изминатите два три месеци. Тие јасно укажаа што е тоа што сакаат да се промени во партијата, и токму тоа е ставено во таа програма. Партијата ќе работи целосно посветено и многу попрофесионално. Во оваа трка влегувам сам. Сметам дека секој којшто ќе биде избран за претседател треба тимот да го направи после изборот за претседател. Немам никакви преговори со никого. Слушнав за повикот да се потпишат некакви изјави. Јас сметам дека не треба да има никакви ограничувања, и кој и да биде избран за претседател тимот да го прави понатаму, без разлика дали некој учествувал во изборната трка за претседател или не, вели Филипче.

Постапката за кандидирање започна на 31 мај и трае до утре. Право да се кандидираат имаат сите членови на СДСМ кои ги исполнуваат критериумите и вредносните, моралните и етичките норми. За кандидат за претседател на СДСМ може да се кандидира лице со најмалку пет години членство во СДСМ кој најмалку еднаш бил избран од страна на Конгресот на СДСМ за член на некој од органите на партијата.

Внатрепартиските избори се закажани на 30 јуни, а следуваат по оставката на лидерот Димитар Ковачевски кој по поразот на парламентарните избори поднесе оставка заедно со раководството на партијата. СДСМ во недела, на 9 овој месец, ќе одржи и отчетен Конгрес на кој ќе се анализираат причините за изборниот резултат.

OhridNews