Покрај со сертификат за примена вакцина, од понеделник на настани каде што има повеќе од 30 лица ќе може да се присуствува и со документ за прележан вирус, истакна денес од Охрид, министерот за здравство Венко Филипче.
Освен со бараниот сертификат за вакцина за примена најмалку една доза, за влез на сите настани коишто се организираат на затворено и отворено доволно ќе биде да се приложи дека пациентот бил заболен од Ковид во рок од 45 дена, тоа се оние неопходни 30 дена да помине времето за вакцинација, 15-тина дена да се организира процесот на вакцинација, објасни Филипче.
Министерот при посетата на ЈЗУ Општа болница Охрид истакна дека вакцинацијата се одвива со зголемен интерес во изминатите денови од кога се најавени новите рестриктивни мерки. Во просек по 8000 граѓани на ден се пријавуваат за вакцина. Поради зголемениот интерес, вакциналните пунктови во државава се отворени и денес и процесот се одвива добро.
Министерот денеска го објасни и начинот на функционирање на електронските сертификати.
Апликацијатa CommonPass, секој граѓанин може да ја симне на својот мобилен телефон. На апликацијата има код за нашата земја и со тој код се признаени сите сертификати за сите вакцини кои се дадени кај нас. Тоа значи, дека таков еден сертификат од системот „Мој термин“ може да симне од сајтот на „Вакцинација.мк“ каде се присутни двата сертификати, еден е националниот сертификат и еден којшто одговара на системот CommonPass. Кога тој сертификат ќе се преземе во апликацијата, истиот станува препознатлив на секаде во ЕУ и тоа е нешто што не може да се лажира“, објасна Филипче
Ваквиот систем на внесување на сертификати е веќе одобрен од ЕУ и на 19-ти август ќе биде официјализиран, најави Филипче.
Инаку, Ковид статистиката во изминатиов период бележи тренд на пораст на новозаразени случаи. Минатонеделните анализи велат дека 40 проценти од новодијагностицираните биле на некаква прослава, што за Филипче не е изненадувачки факт, со оглед на тоа дека и минатата година во текот на летото беше истата слика од преполни угостителски објекти, и концерти и настани на кои не е возможно да се почитуваат протоколите за заштита од Ковид-19.
К.А.