Министерот за здравство Венко Филипче, вечерва истакна дека болничките капацитетите сé повеќе се исполнуваат, во инфективните одделенија во здравствените установи кои третираат ковид пациенти.

Како што рече тој во вечерашното гостување во дневникот на Сител, сите интерни одделенија и медицинскиот кадар се целосно мобилизирани. Здравствениот систем секојдневно се менаџира. Пациентите кои имаат полесна клиничка слика се пуштаат на домашно лекување, со цел да се обезбедат места за пациентите на кои им е потребна хоспитализација.

Веќе се наполнија првите спратови во зградата на интерните клиники. Обезбедуваме кревети и кадар, но оди сé потешко. Сé повеќе се исцрпуваат капацитетите во смисла на лекари, медицински сестри, тимови, интернисти, пулмолози и анестезиолози, како и болнички кревети. Спремни се и дополнителни капацитети и во ГОБ „8 Септември“, но со оваа диманика навистина за кратко време може и тие дополнителни кревети, места коишто ги обезбедуваме да се пополнат. Веќе предвидуваме места и на хирушките клиники, но тоа може да значи, ако веројатно продолжи овој тренд, дека во еден момент ќе запре целокупниот нормален програм којшто сега сé уште функционира – системот за закажување Мој Термин, редовните операции да почнат да се откажуваат и сите доктори, сестри да бидат посветени на лекување на пациентите со Ковид-19, вели Филипче.

Тоа, додава, ќе биде прв пат во историјата целиот систем да лекува само една патологија, со цел да се намали притисокот.

Ова е криза насекаде, кај нас, во регионот, во цела Европа. Но, обезбедувањето на кревети, посебно на кадар оди сé потешко“, потенцираше министерот Филипче и додаде дека така е и во соседните земји и во Германија, целиот кадар се мобилизира и капацитетите се полнат брзо.

Филипче потенцираше дека не е соодветно да се сместуваат пациенти во објекти кои не биле предвидени за тоа, т.е дека пациенти може да се сместуваат онаму каде што има кадар.

Во однос на бројките на починати од коронавирус, министерот Филипче изјави дека се пратат сите земји во регионот, а тој е во секојдневна комуникација со колегите од Албанија, Косово, Србија, Бугарија, Грција.

Ги анализиравме починатите минатата недела. Кај нас имаше околу 160 починати, во Бугарија имаше близу 500, во БиХ околу 350. Исто така, во Словенија над 200 починати, во Хрватска близу 300. Едноставно, станува збор за болест којашто е многу непредвидлива, однесе многу животи, изјави Филипче.

Во однос на третманот на пациентите тој нагласи дека секогаш пациентите имаат обврска прво да се јават кај матичниот лекар и тој да ја процени здравствената состојба.

Матичниот лекар е обврзан да ги прегледува пациентите и да биде на располагање 24 часа и тоа не е од сега, тоа е години наназад, рече Филипче.

OhridNews