Засега нема да има препорака за некои нови рестриктивни мерки, апсолутно сметаме дека овие се сосема доволни со тоа што треба да се почитуваат, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче. Носењето маски, држењето дистанцата, честото миење раце и вакцинирањето, посочи Филипче, се основните принципи на кои се темелат сите мерки во борбата со пандемијата.
Ние можеме да контролираме, но не може ниту една држава се да исконтролира. Затоа е свеста и совеста на граѓаните многу важна. Тука е државата со своите институции да контролира таму каде може, но апсолутно граѓаните мора да се совесни, изјави Филипче одговарајќи на новинарски прашања по Форумот за одбележување на Светскиот ден на дијабетесот.
Засега остануваат истите мерки посочи Министерот за здравство и упати апел граѓаните да се придржуваат кон нив. Според Филипче, актуелните мерки во државава се еднакви како во сите развиени земји и нагласи дека излезот од кризата е вакцинацијата на населението.
Доаѓаат семејни слави и апелирам граѓаните и оваа година како и претходните, ако можат да не ги организираат или да ги организираат во помал семеен круг. Сепак такви поголеми собири каде не се почитуваат мерките се ризик за епидемиолошката состојба да се влоши, истакна Филипче.
Тој додаде дека е намален процентот на луѓе кои се хоспитализираат од вкупниот број на нови дијагностицирани, споредено со претходните бранови кога тој процент бил околу десет, а сега е некаде меѓу пет и шест отсто.
Вирусот е многу непредвидлив и да има нов сој, тоа значи дека ќе има некои нови карактеристики. Затоа, за тоа што се прави во регионот и какви се ефектите од тоа ќе дискутираме следната недела. Апсолутно ако има некаква мерка, што нас ќе ни помогне, ние тоа ќе го направиме, вели Филипче.
Граѓаните, нагласи Филипче, мора да знаат дека со својата свест, совест и одговорност многу придонесуваат, прво за сопственото здравје, а потоа и на здравствениот систем кој е преоптеретен во делот на ковид центрите од невакцинирани пациенти. Како што истакна Филипче, вакцинираните пациенти, имаат очигледно полесна клиничка форма и ако продолжи тој тренд, повторно ќе бидат преоптеретени болниците како што се сега во Србија, Хрватска, Бугарија и Грција.
OhridNews