Министерот за здравство Венко Филипче верува дека по пристигнувањето на првите вакцини преку Ковакс системот најавени за утре, в среда ќе почне масовната имунизација на населението.

Сега сме целосно посветени системот добро да функционира и целокупниот процес да се спроведе брзо и ефикаснмо затоа што веќе е направен план. Први ќе бидат повикани оние критични граѓани согласно Националната стратегија. – рече Филипче во гостување на ТВ Сител.

Планот е да се вакцинираат до 7000 граѓани дневно. Освен здравствените домови во функција на вакцинацијата ќе биде ставена и спортската арена Борис Трајковски во Скопје.

Според Филипче, следната недела ќе биде критична за состојбата со вирусот согласно проценката на промена на инциденцата во различни градови на државата.

Некаде веќе има умерено намалување а некаде се уште не и тоа го гледаме по протисокот во болниците. Мислам дека следната недела ќе биде критична, брановите обично трaaт шест до осум недели, веќе истекува шестата недела и се соглaсувам дека пикот можеби е веќе пред нас. – рече Филипче.

Дополнителна рестрикција, како што рече, нема да даде резултати затоа што веќе вирусот е широко распространет.

Што се однесува до пописот, министерот истакна дека се прави план попишувачите да бидат ставени во приоритетните за вакцинирање, а процесот на нивна вакцинација, како што рече, може да се организира за два дена.

Вакцинацијата на нашите граѓани и на другите граѓани од регионот во Србија ја оцени како пријателски и многу добар гест, а најави дека оние кои нема да добијат термини за ревакцинација во Србија тоа ќе може да го сторат во државава.

Утре ќе разговарам со српскиот колега Лончар да видам дали може да ги добиеме електронските податоци за да ги вградиме во нашиот систем, а доколку не, попладнево веќе разговаравме да направиме еден модул на сегашниот сајт за вакцинација за тие граѓани да можат да се пријават. Тие секако добиле термини за ревакцинација но доколку некој не може и сака тука да продолжи тоа да го испланираме во нашиот систем, рече Филипче.

OhridNews