Лабораторијата во Македонската академија за науки и уметности – МАНУ, во функција за тестови за коронавирус, ќе биде ставена идната седмица, изјави на онлајн прес конференцијата што се одржа вечерва министерот за здравство Венко Филипче.

Оваа лабораторија ќе има капацитет да извршува 100 тестови дневно, со што значително ќе се зголемат капацитетите на здравствениот систем. Таму ќе се тестираат материјалите од болниците во внатрешноста, а резултатите ќе се добиваат за еден ден што е од исклучителна важност. – рече Филипче.

Министерот за здравство додаде дека и покрај големите напори на вработените, оваа лабораторија не беше оспособена за вршење на тестови за коронавирус до изминатиот четвртокак, како што беше најавено, поради објактивни фактори и потешкотии кои се појавиле во текот на процесот на приспособување на чувствителната опрема за сосема друга намена од примарната.

Прес конференцијата министерот Филипче ја одржа од својот дом, каде од вчера е во изолација, откако е утврдено дека петмина членови на Општинскиот кризен штаб на Куманово, меѓу кои и градоначалникот Максим Димитриевски се позитивни на коронавирус. Министерот Филипче, заедно со премиерот Спасовски, вицепремиерот Османи, министерот за образование Адеми и епидемиологот Караџоски, пред два дена присуствуваа на состанокот на Општинскиот кризен штаб во Куманово, незнаејќи дека неговите членови чекаат резултати од тест за коронавирус.

Каде е направен пропуст и кој е одговорен за случајот, Филипче истакна дека ќе биде познато по завршување на инспекцискиот увид.

OhridNews