Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација истакна министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес конференција, најавувајќи дека повторно во функција ќе се стави и Вип Арената Борис Трајковски како пункт за вакцинација.

Преоптоварени се болниците во Тетово, Гостивар, делумно во Кичево и Струга. Во Скопје целосно е исполнета инфективната, заедно со модуларната, а од денеска почнува да работи и болницата за рехабилитација во Козле. Евидентно е дека има преоптовареност на болниците каде процентот на вакцинирано население е помал, додека во градовите како има поголем процент вакцинирани барем за сега нема оптоварување на болниците, што се надевам така и ќе остане, рече Филипче.

Додека сите не се вакцинираме, оваа ситуација нема да се среди. Сите наши одлуки се со цел за што пократко време стекнување на колективен имунитет постигнат со имунизација согласно сите препораки на релевантни институции и студии кои потекнуваат од медицински студии, додаде Филипче.

Има јасни препораки дека природниот имунитет после прележување на болеста со тек на времето се намалува и вакциналниот имунитет е тој што  потраен. Точно е дека има студии кои велат дека луѓето имаат имунитет после 5-6 месеци, па дури и после 8 месеци, но тој се намалува. Затоа битно е луѓето да се вакцинираат, за што поскоро да се постигне колективниот имунитет, во насока на тоа да се спречат следни бранови, додаде Филипче.

Инаку, според последните податоци од Министерството за здравство, вкупно се аплицирани 1.152.274 дози вакцини, а ревакцинирани се 499.934 граѓани. Вчера вкупно се вакцинирале 17.099 граѓани.

Н.С.Ј