Министерот за здравство Венко Филипче, преку својот Фејсбук профил, изрази загриженост за масовните собири по повод празнувањето на празникот Рамазан Бајрам.

„Фотографиите и прилозите од вчерашното празнување во верските храмови и пред нив се повторно загрижувачки. И покрај апелите на здравствените институции да нема масовни собирања, да се почитуваат мерките за држење дистанца и ограничувањето на движењето, тоа не се случи. Го почитувам празнувањето и силно верувам дека тоа се значајни настани за сите нас, независно на која вера припаѓаме. Но, оваа година празниците во целиот свет се празнуваат на еден поинаков начин, ставјаќи го сопственото здравје и на нашите сограѓани пред се и над се, вели министерот Филипче.

Министерот изразува благодарност до граѓаните кои кои се придржуваат кон мерките, а кои за жал, како што вели, понатаму можат да бидат изложени на ризик поради оние коишто тоа не го прават.

„Коронавирусот ниту е мртов ниту е заминат. Тој е тука и за жал, проблемот ќе се провлекува се додека има такви кои го ингнорираат. Многу пати повторив, но еве уште еднаш ќе кажам. Здравствените работници не можат сами. Мерките се добри и навремени, но тие функционираат само ако се почитуваат, во спротивно немаат ефект. Почитувањето на мерките и ефектите од нив зависат само од нас како граѓани. Едноставно мора да се прифати новиот начин на живот, мора нашето секојдневие да го прилагодиме почитувајќи ги препораките, потенцира министерот Филипче.

Ohridnews