Капитенот на Вардар и помладиот брат на Кирил Лазаров, Филип е дел од стручниот штаб на ракометниот камп кој започна во Охрид.

Тој смета дека со вакви кампови преку летото на кои работат големи ракометни имиња многу пошироко му се отвараат вратите на талентираните ракометари.


– Порано да речам во наше време беше многу тешко да напреднеш. Си имаше скалило во клубовите и репрезентацијата и полека се искачуваше. Сега со овие кампови и тренирање пред и со големи ракометни имиња им се отвораат пошироко вратите. Искуството од кампот ќе биде бесценето за дечињата и се надевам дека многу ќе им помогне за понатамошниот развој на кариерата. – потенцираше Филип Лазаров.


Неговиот брат заедно со поранешниот македонски репрезентативец Стефче Алушовски први го пробија мразот за организирање на индивидуални ракометни кампови во Македонија.

– Кире секогаш се обидува да биде чекор два пред другите и сега се покажа така со организирањето на индивидуалниот ракометен камп. Ова е голем потфат и бара многу одговорност. Сите ќе тежнееме кампот да биде успешен и да прерасне во традиционален. – заврши Филип Лазаров.

Еден од специјалните гости на кампот ќе биде соиграчот на Филип Лазаров од Вардар, Тимур Дибиров.

Фото : Емилио

Мх.П.