Една од најважните алки за подготовка и реализација на една театарска претстава е инспициентот, кој е главен координатор помеѓу актерската и техничката екипа и десна рака на режисерот. За деталите на оваа интересна и малку позната професија раговаравме со  Филип Ангеличин Жура, кој е единствениот охриѓанец кој работи како инспициент и е дел од професионалниот тим на Народниот театар во Охрид.

-Бидејќи „инспицинет“ е театарски термин и не е многу експониран, често го добивам прашањето -Што е тоа што го работиш?. Зборот инспициент во буквален превод на македонски јазик би значело организатор на сцена. Значи за се што се случува на сцената одговорен е инспициентот. Jас доаѓам од првата читачка проба односно на првиот состанок на кој се доделуваат улогите па се до последната изведба на претставата. Имам обврска во координација со режисерот да ги закажувам и да ги водам читачките проби. Откако подготовките на претставата ќе започнат на сцена се приклучува и техничката екипа на претставата која исто така ја координирам, вели  Жура.

И позади сцената се игра претстава

Тој објаснува дека освен за присуството на актерите и статистите на пробите, одговорен е и за назначување на звучните и светлосните ефекти, местата за почнување и завршување на музиката и траењето на сликите и паузите.

-Одговорен сум за обезбедување на услови за непречено одвивање на пробите како и за точното исполнување на сценските решенија зададени од режисерот. Исто така одговорен сум за правење неделно-месечен распоред на пробите во консултација со режисерите, како и за пишување месечни извештаи за бројот на одиграни претстави, учество на актерите во истите и вкупниот број на публика, појаснува Жура.

Тој сликовито опишува дека и позади сцената се игра паралелна претстава.

-Публиката има можност да ја види поставеноста на сценографијата, актерите и нивната игра на сцената, но не и она што се игра позади сцената. Значи позади сцената буквално се одигрува уште една претстава, но на техничкиот персонал. За се да изгледа како што треба и како што е замислено, се бара голема дисциплина, многу голема одговорност и концентрација, нагласува Жура.

Овој неуморен креативец и посветен професионалец, вели дека е исклучително задоволен од соработката со актерската екипа.

-Актерите од нашиот ансамбл се високи професионалци и соработката е најчесто во опуштена и  пријателска атмосфера. Бидејќи јас соработувам со охридскиот театар уште пред неговото официјално институционализирање веќе добро ги познавам актерите. Во делот на соработката со режисерите можам да кажам дека секој режисер си има свој начин на работа, а подготовката на секоја нова претстава е едно ново искуство за мене. Посебно би ги издвоил соработките со големите режисерски имиња Дејан Пројкоски и Иван Лео Лемо, од кои научив многу значајни работи за театарот, а омилена претстава ми е „Кабаре Мистериозо“ во режија на Деан Дамјановски која беше премера на Охридско лето во 2011, вели нашиот соговорник.

Љубовта кон театарот сепак била посилна

Иако Жура студирал и дипломирал Историја на уметност и археологија, љубовта кон театарот сепак била посилна.

-Уште како дете многу сакав да ги гледам подготовките на претставите кои се играа на отворените сцени на фестивалот Охридско лето, мислам дека тогаш се роди љубовта кон театарот. Прв пат во театарските води запливав во средно училиште како член на драмската секција, во чии рамки одиграв неколку претстави. Потоа бев дел од техничката екипа на театарот кога сеуште немаше институционална форма, а откако официјално стана Народен театар, спонтано станав дел од неговата професионална екипа, раскажуава Жура, кој своето идно надградување во професија го гледа  во рамки на оваа институција, за која се надева дека ќе стане модерен и современ театар.

Во делот на професионалниот ангажман како инспициент, Жура вели дека многу му помогнале завршените обуки во делот на менаџирање и човечки ресурси, како и менаџерското искуство кое го стекнал како самостоен организатор на многу музички концерти во Охрид и Македонија.

-Сум бил дел од организацијата и менаџирањето на концертите на „Новиот Почеток“, „Hardfaced“,„Conquering Lion”,„Суперхикс”, „Bernays Propaganda”, „МИЗАР”, „Флукс”, „Културно Уметнички Работници”, „Паркети” ,„3 minutes in the rain”, „Retro Cabaret”, „Two Sides” , „Летечки Пекинезери”,„Denny te chuva”, „String Forces”, „Баклава”, „Чалгија Саундсистем”. Исто така сум бил дел од логистичката поддршка на повеќето концерти на Авалон Продукција како што се концертите на „Леб и Сол“, Bryan Ferry, Lenny Kravitz, George Benson, Bob Sinclar, Billy Idol, David Gueta, Green Day како и на Roni Size, Manu Chao, Soulfly и фестивалот Аларм и Таксират во организација на Литиум рекордс, вели Жура.

Тој додава дека инспициентското искуство стекнато во театарот го користи  и при организирање на стенд ап шоута на колегата од Народен Театар Охрид,  Никола Тодороски, а бил дел и од организацијата на кабарето „Two Mothers Brothers” авторски проект на Тодороски и Стрезо Стаматовски.

Е.М