Европскиот комесар за проширување Штефан Филе изјави дека Европската унија придонела за моментната ситуација во Украина затоа што пропуштила да ги сфати сериозно изјавите на рускиот претседател Владимир Путин за распаѓањето на СССР, пренесува „Макфакс“.

„Не го сфативме сериозно тоа што пред неколку години ни го рече самиот Путин. Утврди дека распаѓањето на СССР било најголема катастрофа на 20. век”, рекол Филе во интервју за Радио Слободна Европа во Прага.

„На самитот НАТО-Русија во Букурешт во 2008 година, бев присутен кога Путин изјави дека Украина е вештачка држава. Половина од нас се насмеаја, половина не разбравме. Но, сега сфаќаме и повеќе не ни е до смеење”, рекол тој.

Во последните неколку месеци Крим се присоедини кон Русија, а Москва го поддржува вооруженото сепаратистичко движење во источна Украина каде што живеат граѓани кои зборуваат руски јазик. Судирите веќе однесоа повеќе десетици жртви.

Русија, исто така, беше поврзана со насилството на Мајдан во Киев, на проевропските протести, а кои започнаа откако тогашниот претседател Виктор Јанукович го отфрли клучниот договор со ЕУ за придружување под очигледен притисок од Москва, потсетува РСЕ.

Филе, чија родна држава Чешка оваа недела одбележа 10 години од влезот во ЕУ, изјавил дека Брисел не успеал да ја увери Москва дека на европските релации гледа како на односи во кои двете страни победуваат, а не во која едната страна губи.

Тој изразил загриженост поради тоа што Москва повеќе не води сметка за меѓународните конвенции, вклучувајќи го и меморандумот од Будимпешта од 1994 година кој го гарантира украинскиот територијален интегритет, како и минатомесечниот Женевски договор кој би требало да спречи ескалација на немирите во Украина.

„Загрижувачки е тоа што не се почитуваат меѓународните акти, како начелата од Хелсинки од 1875 кои зборуваат за територијална целина на државата и кои забрануваат интервенција. Непочитувањето на меѓународното право е најлошото нешто што и се случило на Европа од Втората светска војна”, рекол Филе.

„Претходно имавме биполарен свет и Железна завеса. Сега имаме мултиполарен свет во кој според идеите на Путин главното правило е дека нема правила. Тоа е страшно”.

Филе изразил надеж дека ЕУ ќе ја убеди Русија дека решение треба да се најде на преговарачка маса, затоа што Европа не е место каде што треба да се води борба за моќ.

„Дали е во интерес на Путин да има силна Европска унија која има заеднички став. Секако дека не. Веќе видов одреден број популисти и националисти од цела ЕУ како влегуваат во руското пропагандно возило. Јас сум преплашен од можните последици”, рекол еврокомесарот во текот на посетата на седиштето на Радио Слободна Европа во Прага.

OhridNews
извор:„Макфакс“