Во последно време граѓаните благодарение на бесплатните и лесно достапни програми го користат интернетот за телефонирање, пред се’ во странство. Овој тренд најдобро го покажува зголемениот број на интернет-корисници од 33,4 отсто во однос на минатата година.
Покрај зачестената употреба на современите средства за комуникација, високите телефонски сметки се уште една причина за граѓаните да ги користат се’ помалку или целосно да ги исклучат фиксните телефони од мрежата. Скапиот импулс, месечната претплата од 399 денари (без ддв) како и нискиот животен стандард придонесуваат граѓаните се’ поретко да се фаќаат за слушалката и се’ пократко да разговараат на телефон.
Податоците од извештајот покажуваат дека граѓаните се’ помалку ги користат фиксните, за сметка на зголемената употреба на мобилните телефони. Според извештајот, заклучно со јуни, бројот на фиксни линии е намален за 6 отсто во споредба со истиот период лани. Македонски телекомуникации има 505.959 фиксни линии, односно 32.240 помалку од лани. Претплатниците во првото шестмесечје оствариле 785 милиони минути разговори, што е намалување на телефонскиот сообраќај за 11 отсто.
Од друга страна, мобилниот оператор „Т- Мобиле“ продолжува со трендот на пораст во сите сегменти од работењето. Бројот на корисниците ја помина магичната бројка од 1 милион, од кои 23 отсто се постпејд-корисници. Корисниците на мобилниот оператор во просек разговараат по 83 минути. Просечниот приход по корисник е 3.018 евра.