Премиерот Никола Груевски изјави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе оди на избори и без опозиција и дека од страна на власта биле направени максимални напори и биле прифатени барања за кои имале сериозни аргументи против.
„Ние им дадовме дополнително време да размислат, но тие остануваат на своите барања. Прифативме и барања за кои ние имаме сериозни аргументи против. СДСМ не сака избори. Ние направивме максимално, но не може да прифатиме нелогични и незаконски барања. Совеста ни е чиста, ние одиме на избори“, рече Груевски, при тоа додавајќи дека точниот датум за изборите ќе биде соопштен дополнително.
Според лидерот на опозицискиот СДСМ Бранко Црвенковски, намера на власта е да оди на избори без опозицијата.
„За жал немаше никаква лидерска средба ниту дебата. Груевски беше дојден да ја расипе средбата. Имам впечаток дека не е точно она што го слушаме последните денови дека СДСМ сака бојкот на изборите, туку дека Груевски сака избори без опозиција. Нашата одлука за бојкот на Собранието останува“, рече Црвенковски.
И според лидерот на Демократската унија за интеграција(ДУИ) Али Ахмети, барањата на опозицијата се нелогични.
„Апелирам до опозициските партии, доколку решат да се вратат во процесот, ќе бидат добредојдени, но безусловно. Процесот е неповратен и мораме да одиме на предвремени парламентарни избори“, рече Ахмети.
Според него, Македонија не е во политичка криза, а предвремените избори се само исполнување на барањето на опозицијата.
Лидерот на Нова демократија Имер Селмани, смета дека власта сака да оди на избори под свои услови.
„На Македонија и треба меѓународно посредништво. Земјата е во ќорсокак“, изјави Селмани, при тоа додавајќи дека НД утре до судот ќе поднесе претставка за уставноста на изборните единици.
Претседателот Ѓорге Иванов рече дека ова бил негов четврт обид да им помогне на власта и опозицијата да ги надминат несогласувањата, но според него, некои политички партии не водат сметка за националните и економските интереси на граѓаните.
Тој истакна дека мора да се направи разлика меѓу партиско-политичката битка и иднината на сите граѓани.
Иванов изрази надеж дека партиите ќе изнајдат начин да учествуваат на изборите.
извор:„Макфакс“