Американскиот рапер Фифти Сент бил обвинет за насилство во семејството и вандализам после кавгата со мајката на своето дете. Раперот, чие вистинско име е Куртис Џексон, бил обвинет за удирање женско лице и уништување на нејзиниот стан. Инцидентот се случил на 23 јуни во Лос Анџелес, а штетата се проценува на нешто повеќе од 7000 долари. Музичарот кој продал повеќе од 37 милиони албуми ширум светот, наводно ја шутнал отворената врата, уништил некои делови од мебелот, лустерот и телевизорот, и ја удрил својата поранешна девојка.
Портпаролот на градскиот обвинител рекол дека кавгата настанала поради наводно неверство. Раперот го напуштил станот пред да пристигне полицијата. Фифти Сент слава стекнал во 2003 година со албумот “Get Rich or Die Trying”, кој бил продаден во околу 15 милиони примероци ширум светот, и така станал еден од најпродаваните рап албуми на сите времиња. Сослушувањето пред судот било закажано за 22 јули во Лос Анџелес, а доколку го прогласат за виновен би можел да оди во затвор на пет години и да доби парична казна од 46 илјади долари.