Светската фудбалска федерација (ФИФА) објави рекорден број на трансфери реализирани во летото 2024 година. Во платформата на централата јасно се гледа и која земја е број 1 по бројот на завршени трансфери летово. Англиските клубови доминираа, само во летниот преоден рок потрошија огромни 1,6 милијарди долари.
Во летото 2024 година или до 31 август се направени рекордни 11.000 регистрирани меѓународни трансфери, што е зголемување од 4,8 отсто во однос на истиот период лани.
Исто така, беше објавено дека клубовите ширум светот потрошиле повеќе од 6,4 милијарди долари за обесштетување, што е втора најголема сума во историјата, но и пад од 13,06 отсто од минатогодишниот рекорд. Убедливи лидери кај потрошувачите се европските клубови со 5,58 милијарди долари, а доминираат англиските, кои летово потрошија дури 1,6 милијарди долари. Сепак, и таа сума е пад од 15,5 отсто во однос на минатата година, кога англиските клубови потрошија две милијарди долари.
Иако се посочува како ново „Ел Дорадо“ на фудбалот, Саудиска Арабија во моментов не може да го одржи истото високо ниво како селекциите од Стариот континент. Пад на расходите забележаа и клубовите од Саудиска Арабија за цели 50,74 отсто. По минатогодишните 875 милиони долари, саудиските клубови оваа година потрошија 431 милион долари, но таа бројка би требало да порасне со оглед дека трансферите таму може да продолжат до октомври.
OhridNews