Меѓународната светска фудбалска организација (ФИФА) ги објави имињата на фудбалерите и тренерите, кои, ќе конкурираат за престижната награда најдобар за сезоната 2017/18.

На списокот помеѓу фудбалерите стандардно се наоѓаат минатогодишниот освојувач Кристијано Роналдо и Лионел Меси, а го нема Бразилецот Нејмар кој неколку години им правеше друштво на Португалецот и Аргентинецот.  Покрај двајцата најдобри фудбалери за наградата најдобар во светот ќе се борат Кевин де Брујне, Ентоан Гризман, Еден Азар, Хари Кејн, Килијан Мбапе, Лука Модриќ, Мо Салах и Рафа Варан.

Кај тренерите жестока ќе биде битката, бидејќи има голема конкуренција. Пет од конкурентите се селектори, кои со своите селекции забележаа успешни резултати на последниот Мундијалот. Селекторската фела ја предводи Дидиер Дешамп (Франција), потоа следуваат Златко Далиќ (Хрватска), Роберто Мартинез (Белгија), Герет Саутгејт (Англија) и Станислас Черчесов (Русија).  Конкуренти за најдобар тренер од екипите се Зинедин Зидан (Реал Мадрид), Јирген Клоп (Ливерпул), Диего Симеоне (Атлетико Мадрид), Пеп Гвардиола (Манчестер Сити), Масимилијано Алегри (Јувентус) и Ернесто Валверде (Барселона).

Церомонијата за изборот на најдобрите ФИФА ќе ја организира кон крајот на оваа или почетокот на следната година.

Секој љубител на фудбалот може активно да учествува во изборот и да гласа за најдобар фудбалер и тренер. Гласањето е отворено на официјалната интернет страна на ФИФА, кое ќе трае до септември месец.

OhridNews