Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) објави вечерва дека Бразил и Аргентина, сепак, ќе мора да го одиграат својот натпревар од мундијалските квалификации, кој беше прекинат лани поради непочитување на ковид протоколите.

Натпреварот на 5 септември на стадионот во Сао Паоло беше прекинат по само пет минути, откако на теренот влегоа бразилски здравствени работници, тврдејќи дека четворица аргентински репрезентативци од премиерлигашки екипи ги прекршиле протоколите за влез во земјата поврзани со задолжителната двонеделна изолација при влез на странски државјани од Велика Британија.

По сеопфатна истрага и со оглед на правилата, кои беа на сила, Дисциплинската комисија на ФИФА одлучи дека натпреварот мора повторно да се одигра, а местото и терминот ќе бидат дополнително утврдени, се наведува во соопштението.

ФИФА, притоа, им изрече парични санкции на двете федерации и го казни Бразил со 500.000, а Аргентина со 200.000 швајцарски франци, бидејќи не обезбедиле, како што се наведува „мир и безбедност“.

Презакажаниот натпревар нема да има резултатска важност за двете репрезентации во мундијалските квалификации, бидејќи Бразил и Аргентина веќе обезбедија места на Светското првенство, чиј домаќин во ноември ќе биде Катар.

OhridNews