Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) ја отфрли како неоснована жалбата со која Чиле бараше Еквадор да биде исклучен од претстојното Светско првенство во Катар, а на негово место да настапи чилеанската репрезентација.

ФИФА го отфрли тврдењето на Чиле дека еквадорскиот репрезентативец Бајрон Кастиљо, всушност, е Колумбиец и немал право на настап за Еквадор во осумте натпревари во јужноамериканските мундијалски квалификации.

ФИФА соопшти дека „врз основа на доставените документи жалбената комисија одлучила дека Кастиљо има трајно еквадорско државјанство во согласност со правните статути на државата“.

Фудбалската федерација на Чиле може да ја обжали пресудата на ФИФА до Судот за спортска арбитража во Лозана, кој може да организира расправа и до донесе пресуда во рок од девет недели колку што преостануваат до почетокот на Мундијалот.

OhridNews