Поради наближување на терминот одреден од УЕФА (25 мај 2020 година) за конечен став околу натпреварувачката сезона 2019/20 во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) за в понеделник од 13:00 часот закажа состанок со претставници на клубовите од прволигашкото друштво.

Натпреварувачката комисија во ФФМ постојано ги следи настаните поврзани со вонредната состојба во нашата држава и епидемиолошката состојба, а ФФМ како водечко фудбалско тело сеуште е во исчекување на препораките и мерките од координативниот кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Корона вирус Covid-19 за евентуален почеток на тренинзите на фудбалските екипи. Токму од тие препораки и мерки ќе зависи евентуалното продолжување на националното фудбалско првенство, бидејќи веќе влегуваме во термини кои го загрозуваат доигрувањето на шампионатот.

Се надеваме дека до понеделник, здравствените институции официјално ќе ги соопштат мерките и препораките и ФФМ заедно со клубовите ќе излезе со заеднички став за натпреварувачката сезона 2019/2020.

Како федерација сме во постојан контакт со УЕФА и федерациите во регионот кои се соочуваат со слични предизвици со цел да се донесе правилна одлука за доброто на фудбалот и клубовите.

За Фудбалската федерација на Македонија здравјето на фудбалерите и фудбалските работници е на прво место и тоа е единствениот предуслов во подготовката за враќање на тренинзите на екипите од МФЛ и продолжување на националното првенството. Нашата „Куќа на фудбалот“ сите препораки и мерки ги услогласува во соработка со координативниот кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Корона вирус CoVid-19.

OhridNews