Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) е решена да му стави крај на
национализмот, насилството и дискриминацијата од било каков вид на
фудбалските терени во земјата.

Поради тоа ФФМ пред почетокот на натпреварувачката 2013/2014 година
изврши измени и дополнувања на Правилникот за натпревари на ФФМ, со што
се надоврза на платформата и стремежот на меѓународните фудбалски
институции за почитување на играта во сите нејзини сегменти.

Според новиот член во Правилникот, во случај на грубо, вулгарно и
непристојно скандирање на гледачите и поддржувачите, како и истакнување
пароли со неспортска и непристојна содржина, по неуспешен обид да се
испразни предметната трибина поради што натпреварот е прекинат по барање
на делегатот на првенствен или Куп натпревар, натпреварот ќе се
регистрира со службен резултат 3:0 на штета на екипата чии
гледачи/поддржувачи биле иницијатори за ваквиот прекин.

Ако органот за натпреварување утврди дека гледачите/поддржувачи
иницијатори за прекинот не се подржувачи на екипите учесници во
натпреварот, односно дека за прекинот придонеле гледачите/подржувачи на
двете екипи подеднакво, надлежниот орган може да одлучи да се одигра нов
натпревар или прекинатиот да го регистрира со постигнатиот резултат.

Со донесените измени и дополнувања на Правилникот, ФФМ уште еднаш
потврдува дека во фудбалот нема место за национализам, нетолеранција и
насилство.

Дека во ФФМ се решителни ваквите аномалии да ги тргнат од стадионите и
од македонскиот фудбал, покажа и финалето во Купот на Македонија. За
потсетување, на 22.мај поради националистички скандирања главниот
судија, Александар Ставрец го прекина мечот по 34 минути игра, истиот се
одигра по неколку денови пред празни трибини.

Фудбалската федерација во изминатиот период со низа активности се вклучи
во борбата против национализмот и насилството на фудбалските терени.
Преку презентирањето на кампањата „100% фудбал“, укажа на потребата за
координација на институциите и сите спортски федерации за согласност и
единствен став кон решавање на проблемите врзани со насилството и
национализмот во сферата на спортот.

„Макфакс“