По завршувањето на циклусот квалификациски натпревари за Светското првенство во Бразил 2014 година и направената анализа за случувањата за време на натпреварите и по циклусот натпревари, Фудбалската федерација на Македонија ја презема одговорноста за целосниот исход од натпреварувањата, кои од самиот почеток беа предизвик за националниот тим.
„Ждрепка и распоред на натпревари – Мора да напоменеме дека имавме тешка група, каде многу лесно распоредот на табелата можеше да биде поинаков. Анализирајќи ги одиграните натпревари, стоиме зад тоа дека Македонската фудбалска репрезентација освен натпреварот со Србија, не изигра лошо во овој циклус. На два пати несреќно изгубивме од Хрватска и од Шкотска во Скопје, но во фудбалот може еднаш, двапати да немаш среќа, ако тоа е тенденција значи дека постои некаков проблем кој треба да се реши.“, изјави директорот на А репрезентацијата, Петар Милошевски.
Во врска со изборот на селектор и назначување на ВД селектор, Милошевскли истакна дека Јаневски бил добро решение, но соработката не продолжила оти не бил постигнат договор.
„При избор на селектор раководството на ФФМ беше водено од потребата да се изнајде најдобро решение. Плановите да се ангажира Јаневски како селектор беа долгорочни, беше постигнат договор Јаневски да ја води репрезентацијата до крајот на квалификациите. Професионалноста и работата на Јаневски не мотивираа да му понудиме нов договор, но покрај желбата да остане наш селектор Јаневски се одлучи кариерата да ја продолжи во белгискиот прволигаш Монс пред истекот на договорот. Содржината на договорот беше позната на двете страни. Одлуката да се назначи Стратев како ВД селектор за последните два натпревари беше поддржана со фактот дека ги познава поголемиот дел од играчите, начинот на игра до тогаш и дека е достапен поради неговиот ангажман во федерацијата како координатор на сите млади репрезентации. ФФМ веќе започна и процес за избор на нов селектор. Приоритет е да ги исполнува критериумите за квалитет и да е реномиран тренер.“ рече Милошевски, изрзувајќи ѓелба новиот селектор да биде Македонец.
Осврнувајќи се на организацијата, Милошевски истакна дека овој циклус помина солидно согласно нашите можности. Тој ги отфрли шпекулациите дека во селекцијата имало фаворизирање на поединци заради подобра родажба на фудбалската берза.
„Како Федерација одговорно тврдиме и отфрламе секакви обвинувања дека се фаворизираат некои фудбалери, со цел тие подобро да бидат продадени. Веруваме дека беа повикувани најдобрите фудбалери во моментот што одговараат на стратегијата, но и оние кои навистина се залагаат и сакаат со срце да ги бранат боите на својата земја.“-додаде Милошевски.
Што се однесува до Пандев, Милошевски рече дека тој е лидер и модел за сите играчи. „Тој најдобро знае дека финалниот резултат зависи од тимската работа. Вратите за разговор со Пандев секогаш биле отворени, ние во иднина сметаме на Пандев, како и на Попов кој беше сиуспендиран поради неспортско однесување.“ – изјави директорот на А репрезентацијата, Петар Милошевски.
OhridNews