Фудбалската федерација на Македонија денес го претстави новиот селектор на А-репрезентацијата, Благоја Милевски.

Популарниот Боби се обврза на соработка до 2024 година.

Претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини му посака успешна работа на новиот селектор.

Милевски е човекот кој ја создаде генерацијата која ни донесе многу успеси и радости. Ние во федерацијата сме уверени дека новиот селектор има капацитет за уште поголеми успеси. ФФМ му изразува поддршка, истакна Сејдини, подарувајќи му дрес на Милевски.

Иако на дресот е бројот на годината (2024) со важност на договорот, посакуваме да соработуваме многу подолго, додаде првиот човек на ФФМ.

Милевски се заблагодари за поддршката и вети максимален ангажман на новото работно место.

Со нетрпение чекам да почнам со работа со играчите кои во најголем број сме соработувале во минатото. Во септември продолжуваме со квалификациите за СП 2022. Победата над Германија не треба да не залажува. Репер треба да ни бидат настапите на ЕВРО 2020. Треба д аго искористиме правилно потенцијалот кој го поседуваме. Благодарност до ФФМ за поддршката и се надевам на успешни резултати, рече Милевски.

Тој на селекторското место ќе го наследи Игор Ангеловски, со кого македонската репрезентација избори историско, прво учество на Европското првенство 2020.

OhridNews
Фото: ФФМ