Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) официјално го предаде проектот за изградба на новата западна трибина на стадионот „Билјанини Извори“ до Општина Охрид. На денешната средба во Охрид присуствуваа претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, членот на Управниот одбор на ФФМ, Тони Иваноски и претседателот на Општинскиот фудбалски Сојуз на Охрид, Цане Милошоски, кои остварија средба со градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.

Новата западна трибина се очекува да има капацитет од 3.500 седишта и дополнителни простории, вклучувајќи 8 скај-боксови за ВИП зони. Ова е вториот инвестициски проект на ФФМ во стадионот во Охрид, по изградбата на источната трибина според меѓународни стандарди, информираат од ФФМ.

Покрај инвестициите на ФФМ, со овој договор Општина Охрид се обврзува да ги изгради и двете трибини зад головите, како и осветлувањето, со што стадионот ќе се трансформира во модерен спортски објект спремен за одржување на меѓународни натпревари, вклучувајќи ги и оние на македонската А репрезентација.

Со овој проект Охрид ќе стане значаен центар на фудбалот и со меѓународна спортска инфраструктура.

OhridNews

извор/фото. ФФМ