По направената анализа на последните настани и по препорака на МВР, Комитетот за итност при ФФМ во консултација со членовите на УО , со цел да се запази безбедноста на навивачите, а со тоа се овозможи и непречено одигрување на првенствените и куп натпреварите во домашното првенство- Донесе одлука со која се забранува организирано патување на навивачките групи на натпревари на кои гостува нивната екипа.

Бидејќи прв и основен постулат на Стратегијата за спречување на насилството на фудбалските стадиони е безбедноста на навивачите ,ФФМ донесе одлука оваа забрана да биде во сила во наредните 6 месеци по што ќе биде направена дополнителна анализа на состојбата од страна на УО и телата на ФФМ.


ФФМ ги осудува сите екстремни однесувања на фановите и вон фудбалските стадиони, и во рамките на пропишаните норми најстрого ќе го санкционира секое некоректно однесување на фудбалските натпревари. Дадени се упатства на делегатите на фудбалските натпревари и овластување секој натпревар на кој се скандираат слогани со националистичка и било каква навредлива содржина да бидат прекинати и навивачите кои го кршат кодексот за спортско навивање ќе мора да бидат отстранети од страна на организаторот на натпреварот и органите за безбедност.


ФФМ апелира до сите структури во Р.Македонија активно да се вклучат во спроведувањето на Законот за спречување на насилството за да се избегнат катастрофални последици за македонскиот фудбал но и по секојдневното живеење.

Не смееме да дозволиме навивачите да се злоупотребуваат во дневно-политички цели и од тие причини ја донесовме оваа привремена забрана со која сакаме да ги смириме страстите кои можат многу лесно да „експлодираат” во несакан правец како што тоа се случи по инцидентот во н.Нерези пред и по натпреварот Македонија ЃП-Вардар.

Ohridnews