Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) попладнево изрази „голема благодарност за импресивната поддршка“ која навивачите им ја дадоа на македонските репрезентативци на Националната арена „Тодор Проески“ на вчерашниот натпревар против Бугарија.
Според официјалните податоци, вкупно 20.173 гледачи го следеа од трибините на Арената во Скопје дуелот меѓу македонската и бугарската репрезентација во рамки на последното коло од групата 4 во Ц-дивизијата во Лигата на нации на УЕФА.
Беше навистина импресивно да се види како и на дожд, повеќе од 20 илјади луѓе, безусловно ја сакаат и бодрат Македонија, од првата до последната минута, соопшти ФФМ.
Бугарската репрезентација со минимални 1-0 триумфираше над македонскиот состав, кој речиси целиот натпревар го одигра со фудбалер помалку поради исклучувањето во 14. минута на десниот бек Тодор Тодорски.
На сите ни е жал што репрезентацијата и покрај големиот напор не успеа на крајот да оствари позитивен резултат, но длабоко сме убедени дека ќе бидеме на највисоко ниво на следните натпревари и одново ќе имаме причина за славје пред полни трибини на Националната арена. До следниот натпревар, напред Македонија, се додава во реакцијата на ФФМ.
OhridNews