Бараж натпреварот меѓу Тиквеш и Воска во кој победникот ќе обезбеди место следната сезона во Првата македонска фудбалска лига ќе се игра на стадионот „Младост“ во Струмица, в недела со почеток од 17 часот, соопшти попладнево Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Одлуката е донесена по консултации и соработка со Министерството за внатрешни работи (МВР), откако првично за домаќин беше одреден Прилеп, а дополнителната измена баражот да се игра на Арената во Скопје не беше прифатено од Тиквеш.
ФФМ преку Комисијата за безбедност испрати допис до МВР со барање информации во делот на преземање безбедносни мерки за да се одигра во најдобар ред бараж мечот Тиквеш – Воска и Комисијата за натпреварување ќе постапи согласно добиените информации. Упатуваме благодарност до МВР за конструктивната соработка како што била и досега, соопшти ФФМ.
Вториот бараж натпревар меѓу Скопје и Беласица ќе се игра во истиот термин на градскиот стадион во Штип.
ФФМ порача дека ќе направи сè што е во нејзина надлежност „двата бараж натпревари да се одиграат во спортска, фер и коректна атмосфера“.
OhridNews