Актуелниот светски првак во Ф1, пилотот на Ред Бул, Себастијан Фетел и на втората трка од годинешнава сезона во шампионатот ќе стартува од првата позиција.


Германецот во последниот квалификациски круг пред трката за Големата награда на Малезија за 0,104 секунди го надмина времето на Луис Хамилтон од Мекларен Мерцедес. Зад Фетел и Хамилтон од вториот стартен ред трката на патеката Сепанг ќе ја започнат нивните тимски колеги, Марк Вебер и Џенсон Батон.

Интересно поредокот на првите пет возачи на стартот е идентичен со оној од пред две недели и трката во Мелбурн. На петтото место се пласира Фернандо Алонсо на Ферари, а до него од третиот ред ќе стартува Ник Хајдфилд на Рено. Најдобрите десет пред утрешната трка во Малезија ги комплетираа Фелипе Маса (Ферари), Виталиј Петров (Рено), Нико Розберг (Мерцедес) и Камуи Кобајаши (Заубер).

Седумкратниот светски првак, Михаел Шумахер не успеа да мине во последната квалификациска сесија, трката тој ќе ја започне од единаесеттото место.

Трката на патеката Сепанг за Големата награда на Малезија ќе стартува утре во 10 часот по средноевропско време.

“Извор Макфас“
Ohridnews