Охридските љубители на филмската уметност вчеравечер во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид имаа можност да го проследат филмот „Ив Сен –Лоран“, кој беше прикажан во рамки на 7-то издание на Фестивалот на француски филм. Ова е единствениот филм кој беше прикажан во Охрид, како дел од годинешната програма на фестивалот. На проекцијата на филмот присуствуваат и дел од ексклузивните гости на фестивалот, амбасадорката на Франција во Република Македонија Лоренс Оер, делегација од општина Охрид, како и носители на јавни функции во градот.
Градоначалникот на Охрид, Никола Бaкрачески во своето обраќање, на почетокот на филмската вечер истакна дека културата е вистинскиот мост за спојување меѓу народите.
-Седма година по ред во календарот на настани во Охрид стои запишан и фестивалот на францускиот филм. Охрид во рамките на овој фестивал годиниве наназад ги почестил со своето гостопримство: Шарл Азнавур, Клод Лелуш и ред други светски познати синеасти кои оставиле трага во пребогатата француска филмска историја. За Охрид нема граници ние целосно се отвораме кон светот. Сакаме Охрид да го внесеме во светот , ама и светот да дојде во Охрид. Во тој дух го поздравувам пријателството и одличните релации меѓу францускиот и македонскиот народ, помогнати од уметниците кои се трудат планетава да ја направат попристојно место за живеење, рече Бакрачески во својот поздравен говор.
Градоначалникот нагласи дека Локална власт целосно ја поддржува идејата во Охрид да биде отворена Катедра на позната Чешка филмска академија ФАМУ и најави дека догодина Охрид ќе биде домаќин на фестивал посветен на Европскиот филм.
Инаку годинешното издание на Фестивалот на француски филм беше отворено пред два дена во киното „Милениум“ во Скопје, со проекција на филмот „Ке Д’Орсе“, на режисерот Бертран Таверние.
Денеска, според програмата на фестивалот во „Кинотека Македонија“ ќе биде прикажан филмот „Капетан Конан“ од режисерот Бертран Таверние. Истава вечер во кино „Фросина“ ќе има проекција на краткометражниот филм „Лудата розова лимузина“ на Жозефин де Мо, на филмот „Газели“ од Мона Ашаш и „Покажете го јазикот госпоѓице“ од Аксел Ропер.
OhridNews