Воспоставување на нови бизнис партнерства за идна соработка, размена на искуства за производство на храна и презентација на најновите технолошки достигнувања за квалитет и безбедност во производствениот процес се главните цели на „Фестивалот за хигиенски дизајн и храна“ кој започна денеска на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид.

Програмата на овој тридневен настан се состои од изложбен, конференциски и гастрономски дел.

-На настанот учествуваат 17 македонски компании од прехранбената индустрија кои ќе имаат можност да ги претстават своите производи и услуги во изложбениот простор. Исто така, на настанот присуствуваат научници, истражувачи, професионалци, владини и невладини организации, консултанти и индивидуалци кои работат во областите на: производство и преработка на храна, квалитет и безбедност на храна, исхрана, хигиенско инженерство и дизајн, иновативни технологии и нови трендови во прехранбената индустрија, објаснува Владимир Какуринов, извршен директор на Консалтинг и тренинг центар „КЛУЧ“ од Мекедонија, кој е Регионална секција на највлијателната европска мрежа од областа на безбедност на храна „EHEDG“.

Тој потецираше дека нивниот центар на секои две години се труди да организира вакви настани со цел производителите од Македонија и да воспостават бизнис релациии со претставници на странски компании и експерти.

Во рамки на свеченото отворање на настанот своја презентација имаше Лудвиг Јозефсберг – претседател на „EHEDG“ и директор во светскиот бренд за пакување „Tetra Pak“ од Шведска.

-Индустријата за храна е една од најважните на ниво на Европа и затоа е многу важно храната да биде произведена и пакувана во современи и безбедни услови. „EHEDG“ претставува највлијателната европска мрежа од областа на безбедност на храна. Оваа организација обезбедува практично управување со хигиенското инженерство од аспект на производство на безбедна и квалитетна храна. „EHEDG“ ја поддржува европската легислатива која бара ракувањето, подготвувањето, преработката и пакувањето на храна да се врши хигиенски, со употреба на хигиенска машинерија и хигиенски простории, рече меѓудругото Јозефсберг.

Тој истакна дека „EHEDG“ им помага на прехрамбените компании преку давање упатства за основните стандарди за хигиенски дизајн во согласност со националната и меѓународната легислатива. 

„Фестивалот за хигиенски дизајн и храна“ кој ќе се одржува до 29-ти мај е поддржан од Агенција за храна и ветеринарство и Агенција за поддршка на претприемништвото во Република Македонија.

Е.М