Случувањата во и околу Косово и дипломатската битка за името помеѓу Македонија и Грција се значајни историски моменти, но не верувам дека ќе предизвикаат сериозни катаклизми или некакви големи топографски промени кои би го смениле духовниот и политичкиот релјеф на Балканот и менување на границите. Ова во интервју  за Ohridnews, го изјави познатиот филозоф Ферид Мухиќ.

„Македонија веќе  е доволно цврсто конституирана како политички идентитет со народ кој има многувековен интегритет, за да можат било какви притисоци околу името да сменат нешто повеќе од  некоја буква во нешто што со сила го додаваат или одземаат“, вели професор Мухиќ. Повеќе во клучниот атрибут – името не се чепка, но очигледно е дека се работи за обид да се задоволат суети, додава Мухиќ.


Македонија има свој интегритет-проф. Ферид Мухиќ

Јас би застанал зад став ништо да не се менува, ниту една буква и тоа убеден сум нема никако поинаку да ни се одрази освен што ќе предизвика  вербални реакции и притисоци. Седумнаесет години залудно разговараме и сега е време да кажеме дека не сакаме да го менуваме нашето име, и мислам дека еден таков став битно нема да промени ништо затоа што денес пресилно е значењето на Македонија и Европа не може да го игнорира фактот дека оваа нација постои илјадници години без оглед на сите номиналистички притисоци за менување на името, вели Мухиќ. Притисоците можеби ќе бидат малку подолгорочни но сметам дека  Македонија единствено може да се согласи со некакви несуштински измени кои не го загрозуваат нејзиниот идентитет и интегритет. Атрибутите од типот Демократска, Слободна се прифатливи но не и географските појмувања како Горна Македонија и слично и гледаме дека  во тој правец размислуваат и политичарите, вели професорот Мухиќ. Според него најповолна варијанта е Грција и Македонија да се согласат со некое од понудените решенија, следната поволна варијанта е ние да се согласиме а грците да одбијат зошто вината ќе биде врз нив, а неповолно би било двете страни да одбијат. Сепак мислам дека ќе се изнајде некакво решение. Не би го алармирал народот, но ако му дојде преку глава има право да каже не менуваме ништо, ниту буква. Сепак добро е да се изнајде решение зошто извонредно битно е да имаме добри односи со Грција, како што е добро и за неа да има добри односи со Македонија, додава Мухиќ.

Професорот Мухиќ смета дека Македонецот треба малку да ја крене главата и да престане постојано да се наведнува пред се и секого. Треба да се ослободиме од тој товар бидејќи она што те спасило сто пати а на што си бил приморан поради разни околности не значи дека наведнувањето глава е рецепт кој цело време треба да се применува. Има притисоци и моменти кога е подобро веќе да не наведнуваш глава и мислам дека народот сега е посвесен за интегритетот од  политичарите кои би можеле да научат малку особено од младите и би требало да се вратиме малку кон нашите корени во минатото кога  ниту гордост ниту интегритет кои не ни недостасувале, напротив ги имавме и отповеќе, смета професорот Мухиќ.

Косово е крајно сложено прашање. Вкупниот капацитет на силите кои стојат зад тоа и дефанзивното поставување на главната подршка на Србија, Русија која веќе не го споменува ветото, налагаат дека политичките лидери на Србија мора да одиграат прагматична улога, вели Мухиќ. „Политичката организација не значи ниту добивка ниту загуба. Косово е тука. Ако има големи резерви на јаглен тие и натаму ќе бидат на располагање на Србија во трговски договори, ако има потенцијални и други културни коридори преку Косово за Црна Гора, Албанија, Македонија и Грција тие се таму. Србија тука нема да загуби многу, но во моментов се работи за психолошки удар кој мора  политичките лидери да го амортизираат со тоа што ќе покажат жестока бескомпромисност, која сепак мора да се контролира зошто палењето на амбасадите е на раб на ескалација на настаните“, смета професорот Мухиќ. Доколку во наредните месеци се’ мине без екцес и не се случи нешто што ќе повреди нечии чувства состојбата ќе се стабилизира. Незамисливо е сега да се отповика признавањето на Косово зошто тоа ќе предизвика револт кај албанците. Србите пак длабоко се поврзани со Косово, но факт е дека тие заедно живеат таму од памтивек и проблемот е сега кој е газдата , но доколку во наредните месеци не се случат поголеми инциденти практиката ќе покаже дека освен малку гордост ништо друго не се загубило.

Косово и Грчко-македонскиот спор за името се проблеми кои ги менаџира меѓународната заедница во обид да го интегрира конечно овој дел од Европа, при што сите инволвирани страни ќе треба по нешто да проголтаат. Но, идејата е да се продолжи натаму, вели професорот Ферид Мухиќ.


Мухиќ на градоначалникот Петрески му подари монографија „Македонија“

Професорот Мухиќ синоќа во големата сала на општината се сретна со почитувачите на филозофската мисла од Охрид. На „Авторската вечер“ Мухиќ во знак на благодарност на  локалната самоуправа и подари два примероци од неговата монографија „Македонија“ кои ги прими градоначалникот на Охрид Александар Петрески.