Дури и една Германија, денес светскиот лидер по заштеда од обновлива енергија и чуварот во обидите на поправањето на уништената ни планета, сигурно дека преку ноќ не почнала да селектира, рециклирала и произведува енергија од отпад, во тотален алфа и омега еко-трип на ранг на некаква нова Библија. Претходно реално се немало ни причина за тоа. Зошто претходно ги немало ни климатските промени, ни ефектот на стаклената градина, ни озонските дупки, ни пресушените реки и езера, ни океаните преполни со пластика, ни запалените и опустошени шуми, ни топењето на снегот на Арктикот и Антартикот, ни секојдневното неповратно исчезнувањето на видови и видови животински и растителен свет и природни ресурси. Ниту пак отсекоаш вртоглава била бројката во светски размери на луѓето што умираат од секаков вид на загадување.

И ветрот е енергија

Германија денес, само во Секторот за рециклажа има над 400.000 вработени, иновира хибридни системи од сонце и ветар за производство на енергија, гради соларни паркови, а во поново време и соларни градови, го создава и прати трендот на „зелената архитекетура“, цели самоодржливи градови никнуваат во остварувачка мисија со паметно поставени соларни дизајни со нула потрошувачка и уште поголем чекор напред, производство на дури четри пати повеќе енергија од онаа што ја трошат. Германија гради и т.н. „оффшор“ фарми за енергија од ветар, произведува сериозни количини на „зелена струја“, бележи рекорден број на продажби на електрични возила, енормно го намалува или забранува производството и употребата на постоечката нерициклирачка пластика со замена на нов вид на рециклирачка, отвара универзитети за управување со отпад и истражувачки центри за биоразградливиот отпад. И планира до крајот на 2022 година, целосно да ги затвори нуклеарните централи, а следствено и рудниците за лигнит. При тоа носи федарлни закони, ЕУ закони, Кијото регулативи, 10 годишни стратегии за селектирање на отпад и не престанува да го усовршува бројот на различни контенјери во разни бои за различен вид на отпад, за дневно одложување, како што се биоотпадот, хартијата, станиолните и најлонските пакувања, обвивки и фолии, пластиката, батериите, спрејовите, стаклото, безбојното стакло во бел контејнер, зелени и кафени контењери за зелени и кафени шишиња, со автомати и можност за поврат од 0.25 евра по шише.

За селекција поврат од 0.25 евра по шише

За неделно одложување на отпадот, тука се различните контенјери за облека, обувки, книги, ДВД-а и компијутери, електричен отпад, металните предмети и алуминиумот, дури поставува и контенјери за новогодишните елки. Тука е и решението за мебелот и погабаритните нешта за коишто е дозволено непречено изнесување на улица и шанса за нивна повторна употреба по природен пат. Можеби некому ќе му се допадне и ќе му притреба токму тоа што вас ви е веќе непотребно. Со тоа се направени повеќе добра во делот на заштедата на пари, енергија и ресури. Па така употребени и се уште функционални лампи, фотелји, столици, понекоја машина за садови или алишта, велосипеди, маси, колички за деца, играчки, саксии со цвеќе, принтери, монитори, прибор за градина и на што уште не, може да се налета пред влезовите, разно – разни старудии што и не изгледаат старо и чекаат по неколку дена на евентуална нова втора дома. Доколку минувачите упорно ги одминуваат, будните комуналните служби патролираат и уредно ги собираат и ги носат на крајната дестинација. Во рециклажа.

Стакло во контејнер за стакло

Уште збор дава за рециклажата
Развојот на рецикилирачкиот сектор, особено во последните две децении значи дека отпадниот материјал, секој засебно групиран од погоре набројаните, ќе се однесе на својот рециклирачки пункт, ќе се претвори во „ганц“ нов производ за повторно користење со троен бенефит, да се намали загадувањето, да се заштеди енергијата и крајно да се заштитат природните ресурси. Па така штетниот за воздухот метан произведен за време на ферментацијата на биоразградливиот отпад веднаш ќе се претвори во нова корисна енергија, а со рециклажата на едно единствено стаклено шише ќе се заштеди енергија за сијалица од 100W, што може да свети цели 4 часа. Според некои податоци во светот се фрлаат и не се рециклираат дури 28 милијарди шишиња на годишно ниво. Колку е тоа фрлена пара и енергија, а и дозагадување на ионака загадениот воздух, пресметајте сами. Доколу пак го рециклираме стаклото ќе престане емисијата на штетни гасови но и експлатацијата на песокот од коритата на реките што во огромни количини се црпи за таа цел. Едно сосема небулозно и комплетно непотребно производството, зошто стаклото може бескрајно да се рециклира. Па така ние до крај на живот може да пиеме од шише првично произведено уште во 80 -тите години од минатиот век. Се разбира, доколку бевме во Германија.

Во светот се фрлаат и не се рециклираат дури 28 милијарди шишиња на годишно ниво

Уште пострашен пример е пластиката која се добива од нафта. По сегашните проценки се смета дека, заради енормната експлоатација во последните 50-60 години на резервите на нафтата , резерви што се создавле низ милиони години со природно распаѓање на растетилниот и животинскиот свет, истите ќе се исцрпат во наредните 35 години. Дополнителен проблем е што пластиката не се распаѓа во ниедна форма и трајно останува да ја загадува животната средина.

И уште малку со бројките….
Денес дури 94 % од германците сметаат дека зголемувањето на користењето на обновливи извори на енергија и користење алтернативно здрави за околината производи, извори и решенија е многу значајно, пред се заради заштитата на природата но и заради обезбедување на квалитетен живот на идните генерации. Цели 94 %. Тогаш не е ни чудо што таму некаде нема ниту ливче паднато на улица и што домаќинствата без збор го селектираат отпадот уште од дома, како првична алка во синџирот, без чија свест, џабе би биле сите стратегии на овој свет.
Ако пак во Германија на депонии завршува само 1% од отпадот, а се друго оди на рециклажа и тоа е германското секојдневие, во македонското секојдневие тоа се цели 99 % во најдобар случај. Значи ние 99 % од отпадот што го произведуваме го фрламе во депонии. Неселектиран и топтан. А рециклираме само 1 %.

Македонија се дави во отпад а ни село ни град не сакаат да чујат за фабрика за отпад – Инсенератор покрај град во западноевропските држави

Кога сме сеуште кај германците, да погледнеме и кај нас…..
Пред десеттина години во Охрид престојуваше мешан тим од научници еколози, систематичари и минеролози, предводен од германците Tomas Wilke, prof.Wagner i Cristian Albrecht од Justus Liebig Universitat во Giesen. Проектот имаше за цел утврдување на староста на езерото. Си работеле научниците две сезони на еден брод – палтформа и ги менувале пунктовите на престој по езерото. Ги запознав сосема случајно непосредно пред да го напуштат Охрид и да летнат во нова работно истражувачка мисија на Антарктикот.Завршен прес никогаш не одржаа, тогаш не разбирав зошто. Но нивната разочараност, запрепастеност и вознемирана зачуденост, никогаш нема да ги заборавам.

Ова езеро кога ќе се разболи, нема да покаже никакви знаци дека е болно. Во моментот кога вие ќе го видите дека е болно ќе биде предоцна за спас. Готово. Чао. Исто како неизлечивите видови на канцер. Затоа не смеете никогаш да дозволите да се разболи. Но не сме сигурни дека го правите и го разбирате тоа, а и не сме сигурни дека точно знаете што имате. Како воопшто да им објасниме на луѓето што љубоптно ни приоѓаат на платформата и не прашуваат: А злато најдовте?!? А нафта?!? Како да им објасниме дека ова езеро е апсолутно повредно и неспоредливо со секое злато и нафта на овој свет. Ние никаде по светов не сме наишле на уште едно вакво чудо на природата но и на ваков тип на дискрепанца помеѓу човекот и природата! – во еден здив зборуваа германците.

Платформата на која научници во 2014 работеа на утврдување на староста на Охридското Езеро

Веројатно германските истражувачи низ годините по езерската вода ги налетале и шпоретите, килимите и вц-школките, пластиките и отпадот во насилно – „курназски“ направените депонии во длабочините на водата и биле сведоци на забранетиот улов на во секој миг се покритичниот број на ендемичната пастрмка. Веројатно налетале и на градежниот шут и немилосрдното сечење на трската, на преполните контејнери со смрдлив и разлеан отпад по улиците, го гледале чадот од увозните половни возила и оној уште пострашниот чад од околните депонии. Од браната во Дрим гледале како пред нивни очи деноноќно истекуваат базени на вода од милионското старо езеро за потреба на хидроцентралите, наши или комшиски, за производство и продажба на струја од единствениот во светот биодиверзитет со третман на депонија и уште пострашно третман на акумулационо езеро, зошто дел од ѓубрето ете еко свесните нуркачи наново и наново ќе го чистат, но водата истекува и истекува, во истото ова сегашно време кога нивната земја половината од струјата ја прави од отпад и обновливи извори на енергија. Го виделе тие најпрво и нефункционалниот колектор, го виделе неминовно и сливот на „Грашница“ со сите гадотии во себе, ги виделе и навредувачките пикавци и пластики по плажите, и ѓубрето на претек го виделе, и она на „ачик“ и она „подзаскриено“ во грмушките од истите тие плажи. Налетале гарант и на избликот на одредени пунктови на канализацијата, зошто згради и бетони исто така на претек, без памет и без усул градени, а цевките ни се ете тие, истите од Југославија. Слушнале можеби и понекој трач за ЕУ-фондовите што во минатото давале помош за рестарт на колекторот што никогаш не проработи во целост или за донациите на пумпи од сериозни држави за прочистување на критични делови на истото, што исто така многу кратко ги видовме. Она на што сигурно ревносните германци биле сведоци, а и ние сме, зошто нели не треба да си научник за да го приметиш душманското уништување на природата, узурпирањето на брегот, загадувањето на водата, изумирањето на видовите и огромните површини на бетоните на местото на зеленилото, дотолку галопирачки брзо и немилосрдно како еден убрзано-расипан таксиметар што брои и прави непоправливи штети во една наносекунда во исклучително евтин и лош филм.

Уништувањето на Охридското Езеро е безмилосно

Туку среќа што ова лето не наминаа во Охрид. Мислам дека запрепастеноста од пред 10- тина години ќе им се претвореше во состојба на шок, со турбо појачаните слики од отпадот во нови количини и на нови места, со новите подводни депонии кои охридските нуркачите повторно и повторно ќе ги чистат, но водата што драстично се одлива и го намалува водостојот на езерото за потребите за струја никако некој да ја сопре, како што никако некој да го сопре и неговото височество бетонот. Што би рекол еден мој пријател исто така Германец кој последен пат беше тука одамна и на кого деновиве му пратив фотографија од Охрид, сликана од балкон од 7- миот кат, мислејќи дека е залезно – романтична, а неговиот одговор беше: – Во Скопје си така? Ова не е Охрид.
Ајде, ќе кажете да не се споредуваме. Германци се тоа, лидери во се, со око за се, саглам во се што ќе допрат, но и претеруваат во се и цепидлачат за се, технолошки напредни, моќни, дисциплинирани,прештедливи, живеат во совршен систем, а и лесно им е кога се богати.

Ајде ќе кажете Шведска е тоа, уште подалеку и уште побогата, па почна дури и да увезува отпад за да прави струја, зошто сопствениот отпад веќе не и стига. А како да и стига кога паковањата и пластиките им се завршено минато, а едно нивно 4 члено семејство во меѓувреме станало до толку свесно и совесно што произведува „дури“ половина вреќичка отпад неделно.

Ајде ќе кажете Темза е тоа, онаа истата за која до 90-тите кружеше вицот дека можеш филм да си развиеш ако го потопиш во загадената кисела од отрови вода, но англичаните ете навреме се сопреа и ја воскреснаа, па денес си тече Темза плаво-зелена со среќни видови живот во неа.

Но како може да не се споредиме со една Словенија со која 45 години делевме иста држава, исти систем и слични вредности. Е, таа Словенија во 2017 од страна на Обеденитети нации прогласена е за најеко и најодржлива по користење обновливи ресурси земја во светот, додека Македонија вртоглаво тоне во тони отпад. Љубљана во 2016 е прогласен за најзелен град, а Скопје со години е на загушеното од отрови прво лидерско место во светот. Во истиот овој свет каде ние се гушиме во нашето, а богами некои велат и увезено за ситни пари ѓубре, во многу сериозни количини со уште посериозно сомнителна содржина на уште посомнителни депонии. И упорно и апсолутно ништо не рециклираме. Освен оние 1 отсто. И тоа благодарение на еко- совесниот „Пакомак“. Зошто ние се друго сакаме да гориме. Се заедно. Се што ќе најдеме. И кај ќе стигнеме. А при тоа и плитко дишеме. За длабок здив и длабоки мисли и подвизи како што е заштита на планетата не станува ни збор. Зошто едвај имаме воздух и за себе.

Воздухот во зима во Скопје

По дома…..
Важно нас по дома да ни е спастрено и чисто. Важно колите да ни се чисти. Важно ташната да ни е чиста. И важно да се отарасеме од ѓубрето што е можно побрзо. И толку. Никако да научиме дека и јавните површини се дома. Далеку повеќе од сопствената дома. И дека без таа надвор дома, ќе го снема и нашиот спастрен со редовни неделни генералки уреден дом. Никако да разбереме дека од зачувувањето на природата директно зависи нашето здравје, а од рециклирањето пак и нашиот џеб. Или можеби побогати, поумни и поздрави сме ние и од сите?!?

Една од многуте диви депонии над Охрид кои „никнаа“ изминатите години

На крај предлагам, за почеток вработените во Министерството за заштита на животната среднина, секој работен ден, како утринска молитва посветено да ги читаат постовите и да ги гледаат фотографиите на „Не биди ѓубре“, „СОС“ и на другите неформални групи волонтери и ентузијасти низ државата, за жал единствените двигатели на еко свеста, а по кабинетите, канцалариите и ходниците на министерствата може наместо блескавите убавини на Македонија да се постават реалните слики со истечени јаловини од рудници, опустошени шуми, пресушени реки и езера, градежни шутови, преполни контењери, регуларни и диви депонии и нови чудно протнати планови за бетонски градби низ националните паркови. Ако и тоа не е доста и ги мрзи да одат да видат што се случува на терен, може на колегиумите да си пуштаат и 3-Д проекции од „чистата“ ни Македонија. Ако и тоа не е доста може со 5-Д технологија одвреме навреме и смрдлив скопски воздух да си пуштат вo канцалариите. Германците и тоа чинам го измислија. Додуше за друга намена. За кино салите. Мала концентрирана доза на непријатност на носот и очите, чисто заради работно темпо. Зошто време имаме нула, а „каскаме“ светлосни години зад цивилизацијата. Барем што се однесува до оваа со отпадот.

Плажа во Љубаништа – Лето 2020

А можеби и сите ние по дома треба да си ги замениме фините слики со фотографии од соголените брда и отпад од нашето опкружување. И да си почнеме прво пред прагот, со платнена наместо најлонска ќеса на рамо, па се така по патот кон институциите на системот кој сакам, многу сакам да верувам дека ќе се врати или постави во колосек и ќе ја разбере аларматно сериозната потреба од правилно и итно делување.

И тоа од одма. Од денес. Од сега. Одговорноста е заедничка.

Но, допијте си го секако прво кафето, ве молам.

Енис Хилми

Ставовите објавени во рубриката „Отворена“ се гледиште на авторите