Бугаринот Петар Стојчев е победник на XXI Охридски пливачки маратон. Тој пред малку во неверојатен финиш беше за неколку секунди побрз од аргентинецот Дамијан Блум и неговиот сонародник Иванчев.

Овие тројца беа во водство речиси цела трка, а наизменично се менуваа на врвот во последните 7-8 километри кога и се одвоија од останатите пливачи. Во финишот најмногу сила имаше Стојчев кој стигна до нова, шеста, рекордна победа во Охрид. Неговото нефицијално време е 5ч.52мин.


По шести пат најдобар во Охрид-Петар Стојчев

„Навистина ми е мило што уште еднаш триумфирав тука во Охрид. Секоја година ми е се’ потешко да пливам, а и постар сум. Но, не се откажувам сеуште. Догодина ќе пливам на олимпијадата во Пекинг по што повторно ќе се вратам тука во Охрид“, изјави Петар Стојчев по завршувањето на трката.

Со оваа победа Стојчев го презеде водството и во Генералниот пласман каде сега тој има 54 бодови, еден повеќе од аргентинецот Блум.

На целта лововоровиот венец на Стојчев му го врачи покровителот на маратонот, претседателот Бранко Црвенковски.

Во женска конкуренција триумфираше Естер Нуњез Морера од Шпанија.

Топлото време придонесе маратонците годинава да пливаат со нешто побавно темпо, но имаа мирни и топли води (25 степени Целзиусови).

Наградниот фонд на ОПМ кој годинава за прв пат се пливаше како Гран При (Grand Prix) трка е 10.000 долари. Победниците во машка и женска конкуренција ќе заработат по 1000 долари, а севкупниот победник ќе добие и дополнителен бонус. Наградите на маратонците ќе им бидат врачени на свеченост што ќе се одржи вечерва во х. Дрим во Струга. 

Г. Момироски