Виа Егнација, како што сите знаеме, е древен римски пат кој ги поврзувал Драч и Истанбул, односно античките населби близу овие места, притоа поминувајќи и низ Струга, Охрид, Ресен и Битола на територијата на денешна Македонија. Тој бил осмислен, релативно брзо изграден и првенствено користен за остварувањето на безбедносните и економските интереси при ширењето на моќта на Рим кон Исток во антиката. Завршен во средината на вториот век пред нашата ера, тој е најповолно изводливиот копнен пат помеѓу пристаништата на Јадранското (Драч), Егејското (Солун, и неколку помали) и Црното Море (Бизант). Поради овие логистички околности логично е да се размислува дека тој е една од основните, ако не и главната причина за развојот на Охрид, а неговото постоење е еден од предусловите за ранохристијанското и средновековното наследство присутно на овој простор.
По неговата должина се случиле настани од цивилизациска важност за Европа и светот воопшто. Историчарите посочуваат дека во Втората граѓанска војна на Римската Република Октавијан (пред да стане Пресветол) и Марк Антониј ја проследувале војската на Брут и Касиј, при што двете војски го користеле овој пат, пред конечно да се судрат во одлучувачка битка близу Филипи. Покрај ова, во околината на Филипи, како што е забележано во Делата апостолски во Библијата, некој век подоцна се случува покрстувањето на Лидија од страна на Апостол Павле, а се претпоставува дека и по други делници од Виа Егнација се одвиваат битни настани од неговата мисија.
Како заедничка нишка што го поврзува минатото на Албанија, Македонија, Грција и Турција овој древен пат од 2007 година па наваму доживува промоција преку меѓународната фондација Виа Егнација. Главно поддржана од Холандија, во нејзините активности се вклучени поранешни дипломати, европратеници, како и низа стручни лица: археолози, историчари, музиколози, антрополози, новинари, лингвисти и уметници. Една од целите на оваа фондација е вбројување на остатоците од овој антички инфраструктурен зафат на листата на светско културно наследство под закрила на УНЕСКО и нивна соодветна конзервација. Претставници на оваа Фондација велат дека ваквата заштита главно би се однесувала на побројните и подобро зачуваните остатоци од патот кои се наоѓаат во Албанија и Грција. Во случај да успеат во својата цел, Охрид ќе се најде, како попатна станица, во рамките на уште едно меѓународно наследство заштитено од УНЕСКО.
Две илјади години по изградбата на Виа Егнација моќта носи ново име – нафтоводи и гасоводи, но сепак и на патиштата, подобри и современи, не им е помината актуелноста. После цела деценија измината во потрага по начин на кој големите сили можат да ги поврзат ресурсите на Русија и Блискиот Исток со главните потрошувачи во Централна и Западна Европа – која во последните шест месеци кулминираше во Сирија и Украина – Балканот географски често се најдува исцртан со можните решенија преку неговото пространство. Меѓу нив како еден од бројните современи пандани на Виа Егнација може да се смета Коридорот број Осум. Тоа е пат со кој се планира да се поврзат Црното (Варна и Бургас) со Јадранското (Драч) Море преку територијата на Македонија поминувајќи и низ Охрид. Во овој контекст ви препорачувам да го погледнете Коридор бр. 8 – документарен филм на бугарскиот режисер Борис Десподов и да забележите кое е, според него, местото на Охрид по должината на овој пат. Филмот е наградуван на филмски фестивали во Берлин, Торонто, Сараево и Истанбул.
Подготвил: Александар Мицески