Павловнија (lat. paulownia) претставува род цветачки растенија. За прататковина на повеќето видови на ова дрво се сметаат централна и источна Кина, но долга традиција на одгледување павловнијата има и во другите земји на Источна Азија: Јапонија, Виетнам, Лаос… Подоцна голема популарност добила во Европа и Северна Америка каде се сади како украсно дрво или за потребите на дрвната индустрија. Во Кина, Кореја и Јапонија павловнијата се употребува за изработка на телата на традиционалните жичени инструменти додека во поново време во разни земји на светот наоѓа примена при изработката на евтини електрични гитари, скии и други производи.
Дрвото има значајна улога и во културниот живот на азиските народи. За посебниот статус на павловнијата зборува фактот што ова дрво е претставено на амблемот, исто како и на печатот на јапонската влада. Има уште еден интересен факт за присуството на ова дрво во јапонската традиција: порано постоел обичај кога ќе се родело девојче да се засади павловнија за години подоцна од дрвото да се направи плакар како подарок за нејзината свадба. Ваквиот обичај е присутен и во Кина.
Карактеристично за павловнијата е големата способност за никнење и преживување. Има силно развиен коренов систем (па се сади за спречување на ерозијата на земјиштето), поднесува разни видови почва, дури и најпосна. Друга добра карактеристика за павловнијата е брзиот раст и некои видови можат да се сечат за обработка само по пет години од садењето. По сечењето, од кореновиот систем брзо се развиваат нови стебла поради што ова дрво се нарекува „дрвото феникс“. Големата слабост му е во тоа што има потреба од многу светлина поради што не може да опстане во сенката на други дрвја.
Пред да бидат измислени пластичните материјали (полистирен), во 19-от век кинеските извозници на порцелан за пакување ги употребувале семките на павловнијата кои се карактеризираат со својата мека и лесна структура. Додека патувале низ светот, се случувало некој од пакетите да се распадне или на друг начин семките да испаднат покрај железничките линии. Потоа од нив ќе изникнеле павловнии и така овој род се ширел низ разните делови на светот.
Уште пред да дојде во Европа, во азиската прататковина павловнијата имала автентични локални имиња: „пао тонг“ во Кина, „кири“ во Јапонија… Европа го дала своето, европско име, кое влегло во светската класификација на растителните видови. Германските научници Филип Франц Балтазар фон Зиболд (Philipp Franz Balthasar von Siebold; 1796-1866) и Јозеф Герхард Цукарини (Joseph Gerhard Zuccarini; 1797-1848) прво посакале да го именуваат со името Ана (Anna), но кога разбрале дека во светскиот регистар на растенија веќе постои такво име, решиле да го употребат презимето Павловна. Така дрвото си го добило латинизираното име „павловнија“ (paulownia).
Павловнијата е позната уште како „дрво на принцезата“ или „царско дрво“ зашто Ана Павловна (руски: Анна Павловна; холандски: Anna Paulowna; 1795-1865), по која дрвото си го добило своето име, била принцеза и ќерка на рускиот цар Павел I Петрович (1754-1801). Принцезата се омажила за холандскиот принц Вилем II (Willem Frederik George Lodewijk van Oranje-Nassau) кој подоцна станал крал на Холандија, а таа кралица. Не нашла задоволство во бурниот брак со неверниот холандски сопруг, но го надживеала и на крајот влегла во колективната меморија на холандскиот народ. Руската убавица го освоила холандскиот престол и го привлекла вниманието на фон Зиболд и Цукарини, исто како што павловнијата го освојувала светот, со убавина и жилавост.
Најверојатно Охрид и нејзиното величество Ана Павловна немаат некаква меѓусебна врска, но градот си ги има своите павловнии!
Во еден агол во дворот на црквата „Св. Софија“ опстојуваат три дрвја од родот павловнија, поточно од видот павловнија томентоза (paulownia tomentosa), и со години го будат љубопитството на бројните посетители. Според кажувањата на постарите граѓани, а тоа се гледа и на стари фотографии, сè до средината на минатиот век на местото од дрвјата стоеле камбанарија и повисока ограда околу црковниот двор. Останува неоткриена тајна како ова дрво пристигнало во Охрид. Поради нежната внатрешна структура павловнијата е ранлива на нападите од разни штетници, исто како и на силните ветрови. Затоа животниот век на павловнијата многу ретко надминува седумдесет години. Имајќи ги предвид горенаведените факти, можеме да заклучиме само дека охридските павловнии изникнале кон средината на минатиот век. И продолжуваат да опстојуваат понатаму, нудејќи им сенка на уморните и прашања на љубопитните минувачи за нивното име и потекло.
Пишува: Мишо Јузмески