Во организација на Општината Охрид и Јавното претпријатие „Билјанини Извори“ во хотелот „Милениум Палас“ се одржа работна средба со водечките луѓе од фудбалската, кошаркарската, ракометната и одбојкарската и Агенцијата за спорт и млади на која се разговараше за развивање на спортот во Охрид.


– На иницијатива од раководството на Јавното претпријатие „Билјанини Извори“ и локалната самоуправа од Охрид решивме да организираме работна средба со претседателите на федерациите од екипните спортови. Целта од оваа средба ќе биде омасовување на спортот во Охрид и развој на спортските клубови и друштва во нашиот град. Она што е наша цел и на Ј.П. „Билјанини Извори“ е да ја дадаме максималната логистичка поддршка за масовни спортски настани. Ќе бараме помош од Агенцијата за спорт и млади од федерациите за вклучување на што поголем број на спортски работници од градот – рече градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.


Првиот човек на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓоргиоски рече дека куќата на фудбалот ќе помогне со терен кој ќе биде со вештачка трева, а со тоа да се искористи за привлекување на екипи кои ќе се подготвуваат во Охрид.

– Охрид има секакви предуслови за да стане врвен спортски туристички центар. Има убедливо најубава надморска височина за подготовки на екипи во летниот и зимскиот дел од годината. Ние со Општината Охрид имаме соработката, а градот веќе влезе во нашиот план за изградба на стадион со вештачка трева. Сите разговори и средби со Општината ќе ги водиме за подигнување на спортскиот туризам во градот – потенцираше првиот човек на ФФМ, Илчо Ѓоргиоски.


Претседателот на најпопуларниот спорт во Македонија, ракометот, Живко Мукаетов, рече дека Охрид ќе биде дел од секоја агенда на ракометната федерација.

– За нас како ракометна федерација е многу важно Охрид да биде вклучен во нашата агенда. Ние со останатите федерации ќе направиме се што е во наш домет македонскиот бисер да биде на врвот на сите натпреварување кои се одржуваат во нашата држава – истакна Живко Мукаетов.


Кошаркарската федерација пред еден месец во Охрид беше домаќин на „Тренерската клиника“ на која гостин беше Жељко Обрадовиќ.

– Во изманативе неколку години доаѓавме и се обидувавме да доаѓаме, но не секогаш ни беше вратата отворена. Благодарение на неколку индивидуалци во Охрид организиравме неколку големи натпреварување. Се надевам на поголема соработка со новиот состав на Општината и да бидиме чести домаќини во Охрид – посочи Дејан Лекиќ, секретар на кошаркарската федерација на Македонија.

Мх.П.