Поради постоење основи на сомнение за сторени шест казнени дела „тешка кражба“ и едно дело „одземање моторно возило“, полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против 21- годишно лице од Гостивар, кое се бара со потерница за издржување казна затвор.

Пријавениот, казнените дела ги сторил во текот на август и септември оваа година во Струга. Тој со употреба на погоден алат и прибор, насилно отворал прозори од куќи и деловни објекти низ Струга. На тој начин, но и со кршење на стаклата од влезните врати, успеал да влезе во внатрешноста на една куќа, аптека и магацин за играчки од каде одзел пари, златен накит, мобилни телефони и други вредни предмети. Во згодна прилика, лицето извршило две кражби на плажа во Струга и една во кафе бар во центарот на градот. Притоа, успеал незабележано да одземе паричници, стекнувајќи се со значителна  против-правна имотна корист, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Оперирајќи низ Струга, гостиварчанецот на паркинг забележал моторно возило кое не било заклучено а клучевите биле оставени во внатрешноста на автомобилот, влегол во возилото, го стартовал и го користел за свои потреби.

Пријавениот е спроведен во казнено поправната установа Затвор Охрид.

OhridNews