Охридските ракометни надежи ја забележаа втората победа сезонава во младинската лига совладувајќи го Еурофарм Работник со 38-21 (20-10) пред своите гледачи.
Младинците на РК Охрид предводени од Наум Бабачев од клупата им одржаа час по модерен ракомет на своите врсници од Битола.
Дилемите околу победникот „гладијаторите“ ги решија во првиот дел кој го добија со двоцифрена предност (20-10). Водството не ги опушти младинците и во ист ритам одиграа во вториот дел за убедлива победа 38-21.
Во листата на стрелци се истакна Наум Костов со 13 голови, Николче Ристески застана на 7, Даниел Андоновски реализираше пет, Мартин Иваноски 4, Никола Аџиоски и Спироски прецизни беа по три пати. Кристијан Димитриески запиша два голови зад своето име, а Адријан Селман еден гол.
Во третото коло охриѓани гостуваат во Битола, а силите ќе ги одмерат со Пелистер.
OhridNews