Светските цени на храната се намалија во март на најниско ниво за една и пол година, објави денеска агенцијата на ОН, ФАО. Индексот на цените на кошничката основни прехранбени производи падна во март за 2,8 поени во однос на ревидираната вредност за февруари, на просечни 126,9 поени, што е најниска вредност од јули 2021 година.
Падот на индексот ја одразува изобилната понуда, пригушената побарувачка за увоз и продолжувањето на договорот што овозможува извоз на жито преку Црното Море, објаснува ФАО.
Цените на житарките паднаа за 5,6 отсто во споредба со февруари, објави агенцијата на ОН, издвојувајќи го падот на цените на пченицата за 7,1 отсто. Се намали и цената на пченката, за 4,6 отсто, поради прогнозите за рекордна жетва во Бразил. Цените на оризот паднаа за 3,2 отсто, што ФАО го припишува на претстојната жетва кај клучните извозници, вклучувајќи ги Индија, Виетнам и Тајланд.
Растителните масла поевтинија за 3,0 отсто во однос на февруари, а во однос на ланскиот март цените им се за 47,7 отсто пониски.
Иако цените на светско ниво паднаа, тие сè уште се многу високи и продолжуваат да растат на домашните пазари, што претставува дополнителни предизвици за безбедно снабдување со храна, предупреди главниот економист на ФАО Максимо Тореро во соопштение.
Ова е особено точно за земјите во развој кои се нето увозници на храна, а ситуацијата се влошува со поевтинувањето на нивните валути во однос на американскиот долар или еврото и зголемениот должнички товар, додаде Тореро.
Цените на млекото и млечните производи во март се повисоки за 0,8 отсто отколку во февруари. Цената на шеќерот, од друга страна, порасна за 1,5 отсто, што значи дека тие цени го достигнаа највисокото ниво од октомври 2016 година, поттикнати од загриженоста поради намаленото производство во Индија, Тајланд и Кина.
Месото, исто така, поскапе за 0,8 отсто, како одраз на повисоките домашни цени на говедското месо во САД поради очекуваната послаба понуда и повисоките цени на свинското месо во Европа пред празниците.
Во посебен извештај за понудата и побарувачката на пазарите за жито, ФАО малку ја зголеми проценката за светското производство на пченица во 2023 година на 786 милиони тони, што би било за 1,3 отсто помалку од минатата година, но сепак блиску до рекордно ниво.
OhridNews