Во амбиент кој ни одалеку не може да биде замена за Античкиот театар, етно составот „Синтезис“ синоќа одржаа незаборавен концерт во Центарот за култура Григор Прличев.
На концертот за прв пат беа изведени песни кои ќе се најдат на новиот албум на „Синтезис“ кој треба да излезе кон крајот на октомври. На него се поместени преработки на стари македонски песни од речиси сите краишта, вклучително и од охридско. Песните звучат модерно, а неповторливата изведба во живо остави силен впечаток кај публиката.
Покрај новите беа изведени и песни од старите албуми, а овации од воодушевување измамија безвременските хитови на „Ме фатије“ и „ Во наше село“.
На синоќешниот концерт „Синтезис“ настапи со нов член, контрабасистот Драган Трајковски.
фантастичен концерт на „Синтезис“ во Центарот за култура
Охриѓани час и половина уживаа во одличниот настап на „Синтезис“, а единствената забелешка што можеше да се чуе по завршувањето на концертот беше таа дека е штета што тој не се одржа на Античкиот театар.
Г. Момироски