Во Основниот суд во Охрид денеска продложи судскиот процес против Лазе Радески, обвинет за убиство на Раим Ракип, Спиро Ставрески и Трајче Цоцески, улични продавачи на девизи од Охрид.
 
На денешното рочиште беа изведени нови материјални докази од истражната постапка, а беше прожектиран и видео матерјалот снимен од надзорните камери инсталирани во продавницата „Грини“, каде се тврди дека било извршено убиството на Цоцески. На снимката недостасува матерјалот кој го опфаќа периодот од 10:18 и 16:35 часот на денот кога е убиен Трајче Цоцески. Според истрагата Цоцески бил убиен на 12 април минатата година, во продавницата „Грини“ во временскиот интервал меѓу 16 и 17 часот. Судот го прифати предлогот на одбраната да се изврши компјутерско вештачење на снимениот видео-материјал од камерите за обезбедување на продавницата „Грини“.

Судскиот совет информираше дека сведокот Ацо Стојаноски, зет на обвинетиот и сопственик на фирмата „Грини“, го искористил правото да не сведочи, така што беше прифатено да се чита неговата изјава дадена во истражната постапка. На денешното рочиште беше извршен увид во материјални докази, разни предмети одземени од обвинетиот од страна на полицијата, а за кои постои сомневање дека се поврзани со случајот.

Следното рочиште е закажано за 25 февруари во 10 часот, кога останува уште да биде презентирано вештачењето од снимката од видео надзорот, како и извештајот од Одделот за психијатрија при Универзитетската клиника во Скопје.

Ohridnews