За организирана туристичка посета се потребни добри сообраќајни врски, стандардизирани сместувачки капацитети, како и јасна туристичка промоција, им порачаа турските тур-оператори на своите македонски колеги на средбата што денеска се одржа во Охрид.

– Турција денес не е само туристичка дестинација. Турците сакаат да патуваат, така што таа е и голем пазар, истакна Ѓунур Озалп, генерален секетар на асоцијацијата на турските туристички агенции. Според неа Турција и Македонија треба да соработуваат и да ги искористат своите потенцијали што е од взаемен интерес. Осврнувајќи се на авиосообраќајот Озалп исткна дека Туркиш Ерлајнс кој се споменува како иден национален авиопревозник во Македонија не може да ги  опслужува двата аеродроми во Скопје и Охрид. „Охридското авио-пристаниште ќе им биде отстапено на другите турски авио-компании кои ќе организираат чартер летови“, додаде Озалп.

Ѓунхур Ѓувен Тажбаш – генерален директор на турското Министерство за туризам, е воодушевен од Охрид, кој како што рече, е едно од најубавите места во светот.

– Ќе го препорачам Охрид на сите мои пријатели. Но за да фатите чекор со развиените држави, мора повеќе да ги дотерате хотелите, да има добра комуникација и функционални аеродроми, рече Тажбаш.

Високата делегација на Асоцијацијата на туристички работници од Република Турција во Македонија престојува на покана на  Агенцијата за промоција на туризмот на Македонија.  Основната цел на оваа посета е воспоставување на заедничка соработка со локалните туристички работници и анализирање на македонскиот туризам и со тоа да се помогне на нашата држава за понатамошна промоција и развој на туризмот, изјави  Зоран Стрезоски, директорот на Агенцијата.

OhridNews