По силните реакции на осуда заради поставена видео снимка со насилна содржина , Facebook Inc донесе одлука во иднина таквите снимки да ги проследи со пораки за предупредување. 

Британскиот премиер Дејвид Камерон вчера преку својот микроблог на Twitter ја осуди одлуката на Facebook Inc повторно да почнува да објавува снимки со насилство, и ги повика одговорните да им ја објаснат таа „неодговорна“ одлука на вознемирените родители чиишто деца на оваа социјална мрежа можат да видат сцени на отсекување глави или погубувања, а без претходно предупредување.

Во мај годинава Facebook Inc привремено го забрани поставувањето на насилни видео снимки, откако неколку здруженија протестираа, меѓутоа повторно го овозможи нивното поставување, бранејќи се со принципот на слободно циркулирање на снимки.

„Facebook Inc секогаш бил платформа на којашто луѓето си споделуваа своите искуства, особено доколку се поврзани со контроверзни случувања, како што се кршењето на човековите права, терористичките акции и други дејствија поврзани со насилството, Луѓето ги разменуваат овој вид видео снимки за да ги осудат. Доколку тие тоа би го величале или поттикнувале, ќе имавме поинаков пристап“, реагираше една од портпаролките на Facebook Inc за AFP.

Според видео снимките објавени на неколку интернет страници, меѓу кои и на BBC, Facebook, кој има повеќе од милијарда корисници, во вторникот воведе промени, па покрај видео снимите на насилство ја поставува пораката за предупредување „Внимание! Содржината на оваа снимка е многу насилна и може да ве шокира“.

OhridNews
извор:„Макфакс“