Министерката за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон денеска во Приштина изјави дека Косово и Србија треба да разговараат за предлогот на Европската унија за нормализација на односите.

Фајон порача дека не треба да има ескалација на ситуацијата на северот на Косово.

Секогаш сум велела дека Косово треба да се залага за нормализација на односите. Не треба да има ескалација на ситуацијата таму (северно Косово), неопходно е да се започнат преговори за предлогот на ЕУ за нормализација на односите што е на маса, рече Фајон на заедничката конференција со министерката за надворешни работи и дијаспора на Косово на Доника Гервала.

Таа додаде дека Словенија го поддржува дијалогот меѓу Косово и Србија.

Фајон рече дека изборите што се очекуваат на северот на Косово треба да бидат фер и слободни.

Сите сме загрижени поради безбедносните ризици на Балканот. Ни треба силен Балкан и Косово, рече Фајон.

Шефицата на словенечката дипломатија додаде дека со Гервала разговарала и за билатералната соработка и рече дека Словенија останува пријател на Косово и го поддржува евроатлантскиот пат.

По средбата со Гервала, Фајон се сретна со претседателката на Косово, Вјоса Османи, а предвидена е средба и со претседателот на косовскиот парламент, Гљаук Коњуфца.

OhridNews