Ракометарите на Металург се први финалисти на завршниот турнир во Младинска конкуренција кој викендов се одржува во Охрид. „Металурзите“ во полуфиналето по голема борба ја совладаа екипата на Струга 31-26 (11-10).

Избраниците на Раде Стојановиќ отпорот на жилавиот струшки состав го скршија во последните десеттина минути. Претходно, стружани иако констатно имаа негатива успеваа да се вратат резултатски во игра.

Заморот на „црвено белите“ од бркањето на негативата во текот на целиот натпревар ги стигна во финишот. Нападот грешеше, а Металург со лесни погодоци од контра напади се одлепи на плус четири (28-24). Стружани, во завршните пет минути дадоа се од себе, играа „седум на шест“, но разликата на семафорот остана и Металург обезбеди меч за одбрана на титулата.

Во тимот на Металург голгетерски се истакнаа Димитар Михајлов со осум погодоци и Михајло Младеновиќ со пет. Кај стружани по шест реализираа Ненад Костески и Сенад Бајрамоски, а пет постигна Цветан Кузманоски.

Противник на „металурзите“ ќе му биде победникот од вториот полуфинален меч помеѓу Охрид – КЛ7 кој ќе започне во 19 часот.

OhridNews

Гледајте ги во живо мечевите од Ф4 во Охрид