Во драматична завршница и со погодок на пет секунди до крајот, екипата на Металург со 31-30 (16-15) го совлада Охрид и ја одбрани титулата во Младинската лига.

 

Финалниот натпревар во Младинската лига понуди неверојатен и атомски ракомет, а и Охрид да се искачаше највисоко на пиедесталот немаше да биде незаслужено.

Мечот подобро го отвори Охрид и водеше до 25-та минута. Металург дури на крајот успеа го стабилизира резултатот и да поведе со 16-15. Стартот од вториот дел им припадна на гостинските ракометари кои се одлепија на четири голови. „Гладијаторите“ ја пребродија кризата и со 4-0 серија дојдоа на 24-24. Металург повторно се одлепи на три голови (28-25), но охриѓани одново се вратија и стигнаа до егал 28-28. Во последните триесет секунди на семафорот стоеше 30-30, а Металург имаше напад. Со малку среќа Додиќ погоди, откако топката после одбраната на Брауновиќ се одби кај него. На спротивната страна Петровиќ биеше покрај голот и остана плус еден за ракометарите на Металург.

Бронзениот медал од турнирот во Охрид му припадна на тимот на КЛ7 кој со 31-21 славеше против Струга во малото финале.

OhridNews