Трката во Баку за големата награда на Азебејџан понуди многу возбудувања и неколку интересни моменти кои сезонава долго ги очекуваа сите љубилите на Формула 1. Блиска средба имаа големите ривали Фетел и Хамилтон, додека победата и 25-те бодови му припаднаа на Рикардо од тимот на Ред Бул.

Рикардо (Ред Бул – прво место) – Ова беше хаотична трка. Знаевме дека имаме шанса за подиум после рестартот, па слушнав дека Луси и Себастијан имаат проблеми. Имав непланиран пит-стоп на почетокот на трката, а само после неколку кругови парчињата од оштетените болиди ми се заглавија во кочниците па морав повторно во бокс. Тогаш бев на последното место и дефинитивно ни на крај памет не ми доаѓаше дека е можна победа. Ваква трка очекувавме минатата година, со толку прекини и ваков хаос. Бев без зборови кога ја поминав целта. Се смеев и радував како мало дете.

Валтериј Ботас (Мерцедес – второ место) – Повторно на стартот инцидент со Кими. Неверојатно. Бев од внатрешната страна на свиокот број 2, а Кими од надвор. Немав простор и морав да поминувам преку кербот и болидот потскокна. Беше тркачки инцидент и голема штета шо повторно двајцата бевме инволвирани во инцидент (двајцата се финци). Трката беше нешто невидено. Имав цел круг заостанување кога Безбедносното возило излезе на патеката. Ова е доказ дека никогаш не смеете да се предадете. Во прекинот на трката тимот успеа малку да го поправи болидот и штета што Даниел ( Рикардо) беше предалеку на крајот, но секако во овие околности остварив одличен резултат.

Ленс Строл ( Вилијамс – трето место – најмлад возач на подиум во деби сезона 18 години и 258 денови) – Останав без зборови. Ни во сон не ми беше дека оваа година ќе се качам на подиум, посебно не на оваа патека. Малу е разочарувачки што второто место го изгубив во последните 100 метри, но едноставно Валтериј беше пребрз со DRS-от и неможев да направам ништо. Сепак третото место е нешто неверојатно, мојот сон се оствари. Како што растев сонував да станам возач во F1 и да бидам на подиум. Работев цело време на тоа и ете уште во првата сезона го остварив. Пресреќен сум.

Фетел ( Ферари – четврто место). Германецот беше многу лут затоа што само тој доби казна, а не и Хамилтон. – Јасно беше дека Луис намерно закочи. Не го удрив намерно. Имав оштетување на предното крило, а тој на дифузерот кој немаше да влијае на текот на трката. Ова не му е прв пат вака да ми прави на рестарт на трка. На првиот рестарт беше одличен, брзо ми побегна и ме изненади. Немаше потреба вака да ме успорува. Не сме деца, но емоциите кога си во болидот се огромни, а не сакам вакви подли рестартови. После пак имаше добар рестарт и сите видоа дека немам одговор на неговата брзина. Се надевам дека респектот во борбата за титула и понатаму ќе го има помеѓу нас. Според мене денеска направи погрешен потег и тоа е тоа. А кога мене ме казнија требаше и тој да биде казнет.

Хамилтон ( Мерцедес – петто место) за меѓусебниот инцидент, Луис смета дека Фетел се посрамоти со својот потег пред вториот рестарт. – Го контролирав темпото како и при првиот рестарт и на истото место успорив. Очигледно дека тој подзаспа и ме удри од позади. Тоа не е мој проблем. После ми пријде од страна и намерно ме удри. Срамота што на крајот заврши на четвртото место и мислам дека и казната беше мала за таков потег. Мислам дека многу се посрамоти денес. Среќа што возевме споро бавно инаку инцидентот можеше да биде со големи последици. Замислете како им беше на децата и младите на кои им е идол кога го видоа овај срамен потег на четирикратниот светски првак.

OhridNews